По „Фолксваген“ на удар и „Рено“: Французите одат на суд поради дизел-моторите
Нов „Дизелгејт“ ја тресе Европа, по „Фолксваген“ и „Рено“ оди на суд. Францускиот автомобилски гигант „Рено“ ќе се соочи со кривично судење поради наводна измама со дизел-моторите, во рамките на аферата „Дизелгејт“, која со години го потресува автомобилскиот сектор – објави „Рено груп“ на својата страница.
Препорачано
Судењето е закажано за април 2027 година, со што „Рено“ станува вториот производител на автомобили во Франција кој ќе одговара пред суд за овој скандал. Компанијата категорично ги отфрла сите обвиненија и најавува дека ќе ја брани својата невиност и професионалноста на своите 100.000 вработени.
Според француското обвинителство, возила произведени меѓу 2009 и 2017 година биле опремени со системи што можеле да препознаат кога автомобилот се тестира за емисии и привремено да ги намалат загадувачките гасови за да ги исполнат законските стандарди. Обвинителите тврдат дека во реални услови на возење, истите возила испуштале значително поголеми количества азотни оксиди (NOx) – штетни гасови кои се поврзуваат со сериозни респираторни заболувања и негативни последици по здравјето.
„Рено“, пак, тврди дека системите биле развиени со цел да се намали загадувањето и да се гарантира безбедноста на возачите. Компанијата се повика и на неодамнешна одлука на британскиот Висок суд, кој во голем дел ги отфрли сличните тврдења против „Рено“ и други производители.
Во меѓувреме, француското обвинителство бара судење и за „Пежо-Цитроен“ и „Фиат Крајслер“, кои денес се дел од групацијата „Стелантис“ (Stellantis).
Аферата „Дизелгејт“ започна во 2015 година, кога „Фолксваген“ призна дека во милиони дизел-возила инсталирал софтвер кој ги манипулирал тестовите за емисии. Скандалот досега го чинеше германскиот производител повеќе од 32 милијарди евра во казни, спогодби и други трошоци, најмногу во САД.


