Јагленот ќе се замени со сонце и ветер, но струјата ќе поскапи

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Во светот постепено се напуштаат термоелектраните, а Македонија е дел од тој процес. Електростопанство на Северна Македонија во април годинава ја извести Енергетската заедница дека ќе почне со информативно пресметување на ,,цена на јаглерод“, како подготовка за задолжителното воведување еден вид данок за струја произведена од јаглен. Според изјавата што „Слободен печат“ ја доби од ЕСМ, такви „карбон кредити“ треба да почнат да се плаќаат од 2023 година, но постојат моќности и за пролонгирање на рокот.

Денеска, пак, во Скопје започна дводневниот „Македонски енергетски форум“ на кој главна тема беше како да продолжи енергетската трансформација кон зелена енергија, како да се дојде до инвестиции и како од социјален аспект да се справиме со повисоките цени што доаѓаат, било да се тоа од „данокот за јаглен“ или подоцна од поскапата струја добиена од обновливите извори на енергија.

На отворањето на Енергетскиот форум, премиерот Зоран Заев рече дека вкупниот капацитет на досега проектираните фотонапонски централи што се градат или што треба да се изградат е 1.500 мегавати, а на ветерните централи е 550 мегавати.  

– Зелената транзиција нема да биде успешна доколку не е праведна. Односно, доколку во целиот процес не се земат предвид и човечката димензија, како и економските и социјалните аспекти – нагласи Заев.

Амбасадорката на САД  Кејт Мари Брнз рече дека нејзината земја ќе му помогне на регионот полесно да ја помине транзицијата.

– Тука сме да им помогнеме на земјите во овој регион да се чувствуваат енергетски сигурни на нивниот пат за трансформација. Тука зборувам за Грција, Бугарија, Северна Македонија и Србија. Владите во Балканот објавуваат планови за финансирање во обновливи извори на енергија и дополнителни инвестиции во преносливи капацитети. Ќе ве поддржиме тоа да го направите. Глобалните енергетски компании доаѓаат за да се применат технологии за ниска емисија на јаглерод. Во соработка со приватниот сектор ќе се инсталираат соларни колектори и ќе се поддржи енергетската транзиција со фондови за поддршка на зелените проекти – рече амбасадорката Брнз.

Во однос на придонесот на САД кон намалувањето на стакленичките гасови, Брнз рече дека нејзината земја поставила цел за нивно намалување за 55 отсто до 2030 година и воведување на електрични возила до 2035 година.

– Среќна сум што тука е и амбасадорот Гир, тоа е одраз на обновениот сојуз меѓу САД и ЕУ во бербата против климатски промени – рече Брнз.

Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир потенцираше дека борбата против климатските промени треба да биде заедничка на сите влади во светот и ѝ се заблагодари на амбасадорката Брнз за нејзината забелешка. Тој рече дека одговорот на ЕУ во однос на климатските промени е Зелениот договор, според кој има една декада за намалување на емисија на јаглерод за 50 проценти, а до 2050 година тоа треба да биде нула.

Гир потенцираше дека Северна Македонија е прва што почна со процесот за заменување на рудниците со соларна енергија.

– Северна Македонија презеде значајни чекори за усвојување на петгодишна програма за енергетски развој и интегриран план за енергија, кој има за цел намалување на емисијата на јаглеродот, како и мерки за спроведување на Зелениот договор за Западен Балкан – рече Гир.

Тој нагласи дека инвестирањето и ориентацијата кон обновливи извори на енергија е особено важно и поради тоа што нашата држава, а особено Скопје имаат големи проблеми со загадувањето. Според оцените на амбасадорот Гир,  нашата земја има огромен потенцијал да искористи разни европски мерки за зголемување на енергетската ефикасност  „и сето тоа ќе ѝ помогне на државата да спроведе клучни проекти и да го забрза процесот на енергетска транзиција“.

Бектеши: Колку пари ќе има, на толку граѓани ќе им се помогне

Министерството за економија заедно со Министерството за труд и социјална политика подготви низа мерки во однос на проширување на бројот на граѓани и домаќинства што треба да добијат помош за да се справат со енергетската сиромаштија. Притоа, покрај директната финансиска помош, осмислени се и други начини за помагање, но колкав ќе биде опфатот на тие граѓани во наредната година, ќе зависи од финансиските можности, рече министерот за економија Крешник Бектеши во изјава за медиумите за време на Енергетскиот форум.

Тој очекува дека по усвојувањето на Планот за клима и енергија, што е предводено за октомври, да биде усвоена и Програмата за енергетска сиромаштија со финансиската конструкција. Дополнително, ќе се прави план и за наредните пет години во делот на проширување на бројот на опфатени граѓани, рече Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот