Фото: генерирана илустрација

Иран тврди дека нема да напаѓа сѐ додека Америка се воздржува

Иран ќе ги запре своите напади сè додека и САД го прават истото, изјави за „Ројтерс“ висок ирански функционер. До ова доаѓа откако САД ја паузираа кампањата на бомбардирање бидејќи советниците на претседателот Доналд Трамп го предупредиле дека снемува цели и изразиле загриженост поради трошењето на американскиот арсенал.

По 13 ноќи засилени американски воздушни напади врз Иран, Пентагон ја суспендираше кампањата доцна во петокот, а ниту во саботата ниту во неделата не беа регистрирани нови американски удари. Иран, кој по секоја ноќ американски напади возвраќаше со удари врз соседните земји во кои има американски бази, исто така два дена не извршил напад.

Иранскиот функционер, кој побарал да остане анонимен, изјави дека ставот на Техеран и натаму е „напад за напад“.

– Ако нападите запрат, Иран, исто така, ќе ги запре своите операции. Таа порака веќе им е пренесена на САД – рече тој.

Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Волц, за Фокс њуз сандеј и за други американски медиуми изјави дека Трамп одлучил да ги паузира нападите за да ѝ даде повеќе време на дипломатијата.

– Тој им дава простор на разговорите, им остава малку простор – рече Волц, без да наведе дополнителни детали.

Америка со бомби го турка Иран назад кон преговори

Обновувањето на големите операции сѐ уште е опција

Американски воени претставници во последните неколку дена предупредуваат дека двонеделното бомбардирање, чија цел беше да ги одврати иранските закани за пловидбата низ Ормускиот Теснец – тесниот морски премин што стана едно од главните жаришта во војната – во голема мера ја исцрпило однапред избраната листа на цели, изјави американски функционер под услов да остане анонимен.

Обновувањето на големите борбени операции и натаму останува опција, но претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, приватно го предупредил Трамп дека тоа би носело ризици поради негативното влијание врз залихите на муниција. Тоа ги вклучува и ракетите-пресретнувачи што ги користи американската противвоздушна одбрана на Блискиот Исток.

Кабинетот на Кејн и Централната команда на американската војска одбија да коментираат. Американските воени претставници традиционално не ги коментираат приватните совети што му ги даваат на актуелниот претседател, дури ни кога сведочат пред Конгресот.

Во емисијата „Мит д прес“ на „Ен-би-си“, Волц изјави дека американската војска „има сè што ѝ е потребно“, но додаде дека секретарот за одбрана Пит Хегсет, кога ја презел функцијата во администрацијата на Трамп, „наследил исцрпена состојба“.

Високиот ирански извор изјави дека Техеран не се надева многу оти одлуката на Трамп да ги паузира нападите претставува голема промена во американската преговарачка позиција.

– Има повеќе скептицизам отколку оптимизам во однос на запирањето на нападите. Преовладува ставот дека паузата е тактичка, а не искрена. Иран има наталожено доволно горчливо искуство со она што го смета за американска измама – рече изворот.

„Заглавени во неизвесност“

Американските сили две недели изведуваа ноќни удари врз Иран, како одговор на нападите врз бродови во Ормускиот Теснец, додека Техеран возвраќаше врз постројки за десалинизација во заливските држави.

Иран настојува да ја задржи контролата врз преминот низ кој пред војната минуваше петтина од светската нафта, а новата американска офанзива го урна минатомесечниот привремен договор.

Трамп ги паузираше ударите по предупредувањата од воени и од политички советници, меѓу кои и Џеј Ди Венс и адмирал Бред Купер, дека кампањата ја губи ефикасноста. Во Иран, сепак, владеат страв и неизвесност. Жителите се сомневаат дека затишјето ќе трае и стравуваат од ново разгорување на конфликтот.

Нафтата поевтини за околу пет проценти по сигналите за деескалација меѓу САД и Иран

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот