Интервју со Јован Стојоски: Атлетиката е повеќе од спорт, целите се учество на Олимписките игри и медал од ЕП

– Да бидам подготвен колку што можам за некои од натпреварувањата, а сигурно ќе ги има, бидејќи ситуацијата оди на подобро – вели нашиот атлетичар.

Веб порталот на „Слободен печат“ и натаму продолжува со промовирањето на младите и перспективни спортости, овојпат направивме интервју со македонскиот атлетичар Јован Стојоски.

Поради пандемијата на коронавирус многу натпреварувања се одложени, а меѓу нив и Летните Олимписки игри во Токио преместени за 2021 година.

Тоа не го спречува Стојоски и во овој период да ја одржува потребната форма за следните трки, предизвици, моментно тренира во Србија, гладен и подготвен за нови големи резултати, успеси.

Има државен рекорд на 400 метри остварен во Софија, но брка и нови рекорди. Желбата е да настапува на Олимпијадите, а околу неговите цели, амбиции прочитајте повеќе во продолжение..

Како ја одржуваш формата во овој период, дали има консултации со тренерот Марина Мишиќ, со оглед на тоа што и натаму не е познато кога ќе продолжи сезоната?

– Што се однесува до моменталната форма со оглед на ситуацијата многу сум задоволен, сега стадионите се отворени и можам нормално да тренирам со својот тренер. Планираме наскоро да ги направиме главните подготовки за сезоната и да бидам подготвен колку што можам за некои од натпреварувањата, а сигурно ќе ги има, бидејќи ситуацијата оди на подобро. Нема да има големи натпреварувања, но за мене, секое натпреварување е големо.

Се најавува дека можно е први да се вратат индивидуалните спортови, што значи за тебе атлетиката, што те инспирира за да бидеш и трчаш со најдобрите?

– Атлетиката за мене е повеќе од спорт, тоа е љубов. Сакам да се натпреварувам со силната конкуренција, а и кога нема конкуренција секогаш се бориш сам со себе.

Лани беше дел од финалната трка на ЕП во Шведска со шестото место, дали и натаму останува овој успех како мотивација за следните предизвици?

– Секако дека тоа финале беше голем успех тогаш за мене, но веќе следната недела почнав да заборавам на тоа натпреварување и да се насочам кон другите трки. Не се живее од стара слава и мотивиран сум многу.

Поставивте нов државен рекорд на трката на 400 метри на митингот во Софија, Бугарија (48.14 секунди), кажете ни нешто повеќе околу тој настап и самата конкуренција?

Трката во Софија ја одбележа мојата зимска сезона, тоа ми е рекорд во сала, но секако јас повеќе сакам трки надвор и главен акцент секогаш „фрлам“ на летната сезона. Конкуренцијата не беше многу силна, но повторно имав солиден тркач на патеката пред мене кој ми помогнам да тргнам малку побрзо.

Одличен настап имаше и на Европското првенство – Трета лига во Скопје, сметаш ли дека ни се потребни уште повеќе вакви настани во нашата земја за уште подобра промоција?

– Тоа ми беше можеби и најдобриот викенд во сезоната пред домашна публика, беше преубаво да се трча во претоплото Скопје. Македонија се покажа како добар организатор и сметам дека атлетиката треба повеќе да се промовира во нашата држава.

Кои цели сакате да ги постигнете во иднина, желби кои сакате да ги остварите на големите натпреварувања?

– Сакам да бидам најдобар атлетичар во историјата на Македонија, сакам да го надминам и државниот рекорд на 100 метри (10,61 секунди) за кој ми требаат 11 стотинки (10,72 секунди) и така бидам рекордер во сите спринтерски дисциплини. Целта ми е да настапувам на Олимписките игри, барем на две-три Олимпијади. Посакувам да се пласирам уште многу пати во финале на Европско првенство и таму се борам за медал.

Што според вас треба да го краси еден атлетичар, воопшто спортист за да може да се надева на крајот на еден добар резултат?

– Спортистот пред сè треба да биде искрен, да може да прифати пораз и да учи од тоа колку што е можно повеќе, треба да биде упорен и дисциплиниран. Тоа е рецепт за успех!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот