Фото: - / brandstaetter images / Profimedia

Хероината на Чарли Чаплин има моќ да донесе мир во светот: Издавачка куќа ќе го објави сценариото за неговиот недовршен последен филм

Сценариото за недовршениот последен филм на Чарли Чаплин, на кој тој работел пред неговата смрт во 1977 година, ќе биде објавено од британска издавачка куќа, јавуваат британските медиуми.

Сценариото за филмот „The Freak“ е составено од бројни белешки и цртежи што големиот уметник и комичар ги оставил зад себе, пренесува Гардијан.

Станува збор за фантастичната приказна за Сарафа, која Чаплин ја опишал како женски лик со човечко тело и крилја, и која има моќ да лекува болести и да донесе мир во светот.

Познатиот комичар планирал накратко да се појави во филмот како пијаница кој збунето ја гледа Сарафа додека лета низ лондонското небо над зградата на Парламентот.

Белешките од сценариото се многу опширни и подетални од кој било друг филм на Чаплин и покажуваат дека тој бил многу блиску да го сними.

Пронајдени се и детални цртежи на крилјата на Сарафа и описи на многу сцени.

Безвременска хероина

Официјалниот биограф на Чаплин, Дејвид Робинсон , кој напиша книга што го содржи целиот пронајден материјал, рече дека е штета што сценариото не е завршено бидејќи „можеше да биде прекрасен филм“.

Чаплин замислил улогата на Сарафа да ја игра неговата ќерка Викторија, која во тоа време била тинејџерка.

Таа рекла дека нејзиниот татко поминал часови, недели и месеци проучувајќи ги движењата на птиците во лет и гледал филмови во кои луѓето летаат, но дека технологијата во тоа време не го задоволувала.

– Тој сакаше да најде свој начин да го прикаже летањето на филмското платно, и верувам дека ќе го најдеше, но времето го запре, па не можеше да ја оствари својата визија – рече Викторија.

Издавачот Пол Кронин, чија издавачка куќа „Sticking Place Books“ ќе ја објави книгата и сценариото за недовршениот филм, рече дека Чаплин создал безвременска хероина на крајот од својот живот.

Ова е прв пат сценариото да биде објавено на англиски јазик во оригинална форма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот