Ѓорѓиев оптимист за пласман на ЕП: Шансите на Македонија се големи!

Искрено се надевам дека ќе успееме да ја победиме Босна и Херцеговина двапати и да бараме добар резултат со Турција – вели нашиот одбојкар.

Предводникот на македонската репрезентација го прележа коронавирусот, во полна играчка форма е и на 27 декември ќе се вклучи во подготовките за квалификацискиот турнир во јануари.

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев е оптимист во пресрет на квалификациите за Европското првенство 2021 и смета дека националниот тим ќе успее да се избори за свое второ учество на еден континентален собир.

Репрезентацијата веќе ги започна подготовките за квалификацискиот турнир што ќе се одржи во Скопје во јануари, но Ѓорѓиев сѐ уште има обврски со својот клуб од Турција па ќе се придружи подоцна месецов.

– Во одлична форма сум, сѐ е во ред со мене. Ја прележав короната пред петнаесетина дена, здрав и жив сум, играм успешно. Се надевам дека мојата добра форма ќе ја прикажам и во репрезентацијата. Шансите оваа генерација да избори учество на едно ЕП се големи и искрено се надевам дека ќе успееме да ја победиме Босна и Херцеговина двапати и да бараме добар резултат со Турција. Според мене, Турција е фаворит во групата, но тоа не значи дека не може да се победи. Ќе се бориме против секого. Секако, наш приоритет се две победи со БиХ и потоа голема борба со Турција – вели Ѓоргиев, кој настапува за турски клуб и во моментов е многу ангажиран во тоа првенство.

Фото: cev.eu

– Во Скопје доаѓам на 27 декември, а ќе му се придружам на тимот еден ден потоа на мечот со Бугарија (тест-средба, н.з.). Инаку, со клубот во кој настапувам имаме густ распоред што придонесува за мојата добра играчка форма – вели капитенот. Тој сезонава настапува за клубот Инегол, кој е на 9. место од 16 клуба во турското првенство, а во последните пет лигашки мечеви има скор 4-1. Македонија има закажано две тест-средби во Скопје со Бугарија кон крајот на месецов и уште две во Софија во јануари, во пресрет на квалификациите.

Нашиот тим ќе се обиде да се пласира на првото место во групата во која се уште и фаворитот Турција и аутсајдерот Босна и Херцеговина. Првопласираниот сигурно оди на ЕП. Но пласман на ЕП ќе обезбедат и петте најдобри второпласирани екипи од седумте квалификациски групи. Македонија за да дојде до таков пласман треба двапати ја победи БиХ, па дури и да ги изгуби двата меча со Турција. Нашиот тим во Скопје ќе игра два квалификациски меча со БиХ на 11 и на 14 јануари и два меча со Турција, на 13 и на 16 јануари.

Нашите одбојкари се борат за второ учество на едно европско првенство откако на дебитантско учество во 2019 година за малку не успеаја да влезат во осминафиналето и на крајот се пласираа на 17. место од 24 тима.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот