Гислејн Максвел тврди: Спорната фотографија со принцот Ендру е фалсификат

Принцот Ендру и Гислејн Максвел / Фото: Profimedia

Долгогодишната пријателка на покојниот сексуален злосторник Џефри Епстајн, Гислејн Максвел за првпат проговори за нејзиниот „драг пријател“, принцот Ендру.

Максвел, која моментално отслужува 20-годишна затворска казна, даде ексклузивно интервју за британски „Мејл“ и изнесе неверојатни тврдења.

Џефри Епстајн и Гислејн Максвел / Фото: Profimedia

Особено е чудно нејзиното тврдење дека фотографијата, на која принцот Ендру позира со тогаш 17-годишната Вирџинија Робертс, денес Џуфре, е фалсификат. Интересно е тоа што на озогласената фотографија е и самата Максвел. Фотографијата настанала на 10 март 2001 година, а ја направил Џефри Епстајн. Потоа, таа стана централен дел од приказната за пријателството меѓу членот на британското семејство и сексуалните злосторници.

Откако Епстајн ја донел, или подобро кажано – ја „продал“ во Велика Британија, принцот Ендру трипати сексуално ја злоставувал малолетната Вирџинија Џуфре.

Џефри Епстајн и Гислејн Максвел / Фото: Profimedia

Принцот Ендру секогаш ги негираше обвинувањата, а со Џуфре се спогоди надвор од судот. Според различни извори, паричниот надомест изнесувал меѓу 2,5 и 3 милиони долари.

Тој долго време тврдеше дека спорната фотографија е „фалсификувана“. Сега и Максвел, некогашната блиска пријателка на принцот Ендру, вели дека и таа верува дека фотографијата е резултат на нечија манипулација.

„Во овој момент повеќе не верувам дека тоа е реална слика и не верувам дека е тоа како што изгледа. Постојат толку многу работи кои не се во ред со таа слика. Штом ќе видиме што ќе се случи со мојата жалба, со задоволство ќе разговарам за тоа со вас“, рекла таа за „Мејл“.

Принцот Ендру, Вирџинија Џуфре и Гислејн Максвел / Фото: Profimedia

Тврдејќи дека фотографијата е лажна, Максвел си противречи. Во 2015 година, таа му испратила електронско писмо на адвокатот Џефри Епстајн, Алан Дершовиц, во кое имала поинакви ставови.

Дершовиц ѝ напишал: „Драга Г. Дали знаете дали фотографијата на Ендру и Вирџинија е вистинска? Вие сте во позадина“. Само 11 минути подоцна, Максвел му одговорила: „Изгледа реално. Јас мислам дека е“.

„Ако видите ваша фотографија во вашиот дом и ако некој ве праша ‘Дали е тоа ваша фотографија?’, вие не се двоумите околу тоа“, сега тврди Максвел.

Џефри Епстајн и Гислејн Максвел / Фото: Profimedia

Во правните документи во случајот за клевета од 2016 година, Виџинија Џуфре изјави дека оригиналната фотографија му ја предала на ФБИ во 2011 година кога ја посетиле во нејзиниот дом во Австралија, каде што тогаш живеела. Според документите објавени во истиот случај, двајца агенти на ФБИ ѝ одзеле 20 нејзини фотографии, а се верува дека една од нив била и спорната фотографија со принцот Ендру.

Исто така, Максвел изјавила дека ги следи случувањата поврзани со нејзиниот „драг пријател“, принцот Ендру.

„Следам сѐ што се случува со него. Тој плати превисока цена поради својата поврзаност со Џефри Епстајн. Јас се грижам за него и се чувствувам лошо поради сѐ што му се случува“, рекла таа за „Мејл“.

ВИДЕО | „Тој е идиот“: Брутален филм открива шокантни детали за принцот Ендру

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот