ВИДЕО | „Тој е идиот“: Брутален филм открива шокантни детали за принцот Ендру

Фото: Скриншот, Јутјуб

Репутацијата на принцот Ендру засекогаш ќе биде „извалкана“ поради неговото пријателство со сексуалниот злосторник Џефри Епстајн и поради обвинението за сексуална злоупотреба на Вирџинија Џуфрe кога таа сè уште била малолетна.

Во обид да ја поправи штетата, принцот Ендру даде интервју за Би-би-си во 2019 година. Но, телевизиското појавување, кое требаше да го запре бранот новинарски написи со негативни наслови, предизвика сосема спротивен ефект – тој делуваше уште повиновен за нештата за кои беше обвинет. За подобрување на неговиот имиџ не помогна ниту вонсудската спогодба со Вирџинија Џуфре, која според различни извори изнесувала од 2,5 до 3 милиони долари.

Документарниот филм „Принцот Ендру: Протеран“, кој завчера беше премиерно прикажан на филмската платформа Пикок, дополнително ќе го зацрни образот на принцот. Според странските медиуми, долгометражниот документарец е брутален и претставува вистинска катастрофа за кралското семејство.

„Филмот е толку брутален што ќе имате впечаток како да го однеле (принцот Ендру) во некоја просторија за да го претепаат и сега го очекувате судијата за, конечно, да ја прекине борбата. Брутално и заслужено“, пишува „Дејли бист“.

Принцот Ендру, Викторија Џуфре и Гислејн Максвел / Фото: Profimedia

Според „Дејли мејл“, Бакингемската палата треба да биде подготвена за ноќна мора. Иако документарецот не прикажува никакви нови, сензационални откритија и докази – тој е „крволочен“.

„Проблемот е што овој човек е идиот“, вели во филмот поранешниот кралски прес-секретар Дики Арбитер.

Уредничката и новинарка Хелен Кирван-Тејлор го нарекува нарцис и разгалено детиште, а такви епитети споделуваат и други соговорници во филмот, како што се уредничката на списанието „Маџести“, Ингрид Свеард и кралската биографка Тина Браун. Пензионираниот службеник за заштита на кралското семејство Пол Пејџ го опишува како „ужасна личност, насилник“.

Принцот Ендру на насловните страници од британскиот печат / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN ILLUSTRATION

„Принцот Ендру: Протеран“ всушност ја раскажува приказната за Ендру и Епстајн, но го раскажува и животниот пат што го довел до сегашниот статус на обесчестен, протеран член на кралското семејство.

Од неговото раѓање во 1960 година, неговата мајка, кралицата Елизабета Втора била особено мека кон него затоа што се чувствувала виновна што не била постојано присутна во животот на нејзините две постари деца, Чарлс и Ана. Ова му дало на Ендру чувство на привилегија, а тоа чувство било засилено со неговите квалитети – тој бил спортски активен, дружељубив и шармантен млад човек, синот што неговиот татко Филип отсекогаш го посакувал.

Јавноста го сакала, а својата најголема слава ја доживеал кога се борел во Фолкландската војна во 1982 година. Тогаш бил најпосакуваниот егрен, „оној што личи на Роберт Редфорд“. Тој бил вистински шармер и имал прилично активен љубовен живот. Принцот Ендру не добил „амин“ од кралското семејство за неговата врска со актерката Ку Старк, па морал да се ожени со Сара Фергусон – Ферги.

Венчавката на принцот Ендру и Сара Фергусон / 23 јули 1986 / Фото: Profimedia

Нивниот брак не траел долго, но пријателството меѓу принцот Ендру и Гислејн Максвел било многу силно. Во тој период, имало бројни шпекулации дека принцот и Максвел биле повеќе од пријатели уште од нивните факултетски денови. По смртта на нејзиниот татко, медиумскиот магнат Роберт Максвел, Гислејн се преселила во САД. И покрај тоа, таа и принцот Ендру останале во контакт.

Принцот Ендру често ја посетувал Максвел во САД, па така го запознал и Џефри Епстејн.

Авторите на филмот сметаат дека тие двајца биле совршена двојка. Принцот Ендру му помогнал на Епстејн да го зајакне својот социјален статус и му овозможил контакт со низа моќни луѓе. Од друга страна, Епстејн му понудил приватност и чувство на важност на принцот, а го поврзал и со многу млади девојки.

Гислејн Максвел и Џефри Епстејн
Гислејн Максвел и Џефри Епстејн / Фото: Profimeida

Во документарецот се вели дека принцот Ендру бил вистински женкар, до точка каде што се вели дека е зависник од секс. Овој детаљ бил спомнат и во обвинението на Вирџинија Џуфре, веројатно како објаснување за неговите постапки. А тоа што се спогодил со неа, многу соговорници го сметаат како своевидно признавање на вината.

„Тој не само што е примитивен и непристоен, тој беше и педофилски предатор. Затоа и се дружеше со Епстајн – осудениот сексуален престапник можеше да му го даде токму она што го сака, а Максвел беше ‘лепакот’ што ги држеше заедно“, се вели во филмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот