ФОТО+ВИДЕО | Создадена е првата кожена чанта од тираносаурус во лабораторија — ќе биде понудена на аукција за повеќе од 500.000 евра
Научниците и дизајнерите во Амстердам претставија чанта направена од кожа создадена во лабораторија, односно колаген од фосилот на познатиот тираносаурус рекс. Со овој проект, авторите сакаат да го покажат потенцијалот на кожата одгледувана во лабораторија, пишува „НЛ тајмс“.
Препорачано
Тиркизната чанта, изработена од материјал развиен од древни протеински фрагменти (извлечени од остатоци од диносауруси), ќе биде изложена во музејот „Зоо уметност“ во Амстердам до 11 мај, по што ќе биде понудена на аукција по почетна цена од повеќе од 500.000 евра.
Според истражувачите, процесот на производство вклучувал вметнување изолирани протеински фрагменти во клетките на животно, кои произведувале колаген кој потоа се трансформирал во кожа. Извршниот директор на компанијата „Органоид“, Томас Мичел, рече дека проектот се соочил со бројни технички предизвици.

Директорот на компанијата „Лаб-гроун ледер доо“, Че Конон, кој учествувал во производството на материјалот, оценил дека потеклото на кожата дава додадена вредност на производот, нагласувајќи дека кожата одгледувана во лабораторија претставува не само еколошка алтернатива, туку и технолошки напредок.
Сепак, некои научници кои не учествувале во проектот ја доведуваат во прашање употребата на терминот „кожа на ти-рекс“.
Холандскиот палеонтолог Мелани Дуринг од Слободниот универзитет во Амстердам наведува дека колагенот во коските на диносаурусите преживува само во фрагменти кои не се доволни за реконструкција на кожата.

Слично мислење изрази и американскиот палеонтолог Томас Холц од Универзитетот во Мериленд, кој истакнува дека идентификуваниот колаген потекнува од коски, а не од кожа, и дека му недостасува структурата на влакната карактеристична за животинската кожа.
Мичел, одговарајќи на критиките, изјави дека тие се составен дел од научниот процес и оцени дека овој проект е најблискиот обид за создавање материјал што може да се поврзе со тираносаурусот рекс.


