Фијала најави најтешка година за Чешка од распадот на Чехословачка

Петр Фијала/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Новиот чешки премиер Петр Фијала во синоќешното новогодишното обраќање ги предупреди Чесите дека ги чека најтешката година од создавањето на независна Чешка поради инфлацијата и зголемувањето на цените на енергијата, обвинувајќи ја Русија за уценување на Европа и пандемијата на ковид.-19.

– Некои економисти се скептични и велат дека нема да можеме да ја скротиме инфлацијата додека не воспоставиме контрола врз цените на енергијата. Ова е тема која бара меѓународно решение. Од една страна е Русија, која се обидува да ја уценува Европа, па дури и дава до знаење дека е подготвена за вооружен конфликт. Од друга страна, тука се важни европски земји кои решија да инвестираат во независност од фосилните горива и тоа речиси по секоја цена, предупреди Фијала на два од трите главни проблеми во 2022 година.

Чешкиот премиер рече дека Чешка ќе мора да бара сојузници во Европа, да ги убедува партнерите и конечно повторно тргне во изградба на блоковите на нуклеарните електрани Дуковани и Темелин, како и да инвестира во разумни обновливи извори на енергија, бидејќи тоа е патот како да се излезе од енергетска криза, додека алтернатива е заостанатост и беда.

– Би сакал најсериозно да ве предупредам дека разни политички спасители и популисти ќе се обидат да ја злоупотребат оваа ситуација и ќе тврдат дека решението е едноставно. Дека е доволно да се одбие нешто или да се излезе од нешто. Тоа не е точно. Комплицирани проблеми никогаш немаат едноставно решение, рече Фијала.

Такво решение, отфрлање и напуштање на Зелениот договор на Европската унија како спас од енергетските проблеми на Чешка во божикното обраќање до нацијата побара пред неколку дена претседателот на Чешката Република Милош Земан.

Вклучување на нуклеарните електрани

Тоа категорично го отфрлија и поранешниот премиер Андреј Бабиш и сегашниот Петр Фијала и истакнаа дека европскиот проект е добар и оти Чешка со излез од него ќе остане без значителни средства, но некои нереални предлози треба да се отфрлат, а исто така да се убеди ЕУ да ги вклучи нуклеарните електрани и гасот во зелени извори, на што Европската комисија сега се согласува, иако привремено.

Во своето обраќање на чешкиот јавен ТВ сервис ЧТ, Фијала предупреди дека Чесите мора да научат да живеат со третата голема катастрофа оваа година, Ковид-19, која досега ги однесе животите на над 36.000 луѓе во земјата.

– Долгорочно го застапувам ставот дека мора да научиме да живееме со Ковид-19. Но, тоа бара напори од двете страни. И од страната на владата и од страната на граѓаните. Во име на владата можам да ветам дека ќе настојуваме сите можни мерки да бидат максимално разумни, примерени и предвидливи, рече Фијала.

Тој апелираше до Чесите да дадат свој придонес во сузбивањето на пандемијата, не само со вакцинирање, туку и со тоа што ќе почнат да се однесуваат едни кон други со поголема почит, како кон свое семејство, при што не се двоумат да направат добро за нивните најблиските на сметка на својот комфор.

– Владите можат брзо да расипат многу работи, а поправките траат многу подолго. Одложувањето на проблемите за следниот изборен мандат е секогаш полесно отколку да гризнете кисело јаболко и да почнете да ги решавате проблемите. Но, на нашата земја ништо не ѝ преостанува бидејќи нашите проблеми ќе се зголемуваат секој ден, рече чешкиот премиер Петр Фијала во своето новогодишно обраќање до нацијата.

Видео на денот