Фото: МИА

Досега за пругата кон Бугарија фрлени во ветер околу 200 милиони евра

Во првиот обид од 1994 година да се гради пруга кон Бугарија биле потрошени 120 милиони долари. Во вториот обид, кој почна од 2014 година, потрошени се 81,3 милиони евра. Веќе е одобрен и заем од 350 милиони евра и е добиен грант од 150 милиони евра

Два неуспешни обиди за изградба на пругата кон Бугарија и залудно потрошени околу 200 милиони евра, е епилогот за лошо планираната и реализирана желба за железничко поврзување со нашиот источен сосед.

Првиот обид почна во далечната 1994 година, кога премиер беше Бранко Црвенковски и се туркаше до 2004 година. Од тоа време сведочат документи, вијадукти и бетонски столбови, кои ги јаде времето. Тогашните процени биле дека целата пруга до Бугарија ќе чини околу 150 милиони долари, а се обезбедија 120 милиони долари за што беше донесен Законот за обезбедување средства за финансирање на Програмата за изградба на железничката пруга Куманово – Бељаковце – Крива Паланка – Деве Баир во 1994, 1995 и 1996 година. Во 2012 година се укина овој закон и престанаа да важат договорите и анексите со петте градежни фирми: Ремонт на пруги АД – Скопје, ДГ Бетон АД – Скопје, АДГ Маврово – Скопје, ГД Гранит АД – Скопје и АДГ Пелагонија – Скопје. Во меѓувреме, овие договори ниту биле исполнети ниту биле раскинати.

По загубата од 120 милиони долари од првата неуспешна фаза, повторно почна да се гради пругата кон Бугарија. Овој пат во 2014 година кога премиер беше Никола Груевски. Досега, според информациите што ги доби „Слободен печат“ од Министерството за транспорт и врски, потрошени се 83,1 милиони евра, дополнително веќе ни е одобрен заем од два кредитори во вредност од 350 милиони евра, како и неповратни дури 150 милиони евра.

Бугарската влада го повикува Скопје да ги исполни обврските за пругата

Изградбата на пругата на источниот дел на Коридорот 8 беше планирана во три фази.

Првата фаза од Куманово до Бељаковце е во должина од 30,8 километри.

– Вредноста на изградба на оваа фаза е 40,4 милиони евра, а до сега кон изведувачот „Штрабаг“ се исплатени 25,7 милиони евра. Исто така, информираме дека во 2017 година за изградба на истата пруга беше раскинат договорот со претходниот изведувач „Вибе“, кому му беа исплатени 33,7 милиони евра и плус 3,5 милиони евра оштетни побарувања – велат од Министерството за транспорт и врски.

Втората фаза е од Бељаковце до Куманово и е во должина од 34 километри.

– Вредноста за изградба на оваа пруга е 155 милиони евра. На изведувачот „Ѓулермак“ му се исплатени 20,2 милиони евра, а прогресот на градежните работи е околу 15 проценти – ни изјавија од Министерството за транспорт.

Оттаму велат и дека во однос на третата фаза од Бељаковце до Крива Паланка, обезбеден е заем, и тоа 175 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, потоа заем од 175 милиони евра од Европската инвестициона банка, како и 150 милиони евра грант од ВБИФ – Инвестицискиот фонд за Западен Балкан.

– Исто така, од ИПА-компонентата се обезбедени 60,2 милиони евра, но поради неискористеност на средствата до 2023 година, повлечено е користењето на 35 милиони евра од оваа програма – прецизни се од Министерството.

Од Владата веќе најавија дека ќе бараат од ЕБОР и од ЕИБ пренамена на парите и нивно насочување кон реконструкција на пругата Север – Југ.

Шокантно тврдење на директорт на Железници: Пругата кон Бугарија се распаѓа и урива, арматурата како да е направена од цевки за пиење сок

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот