Промоцијата ќе се одржи на 20 декември во Националниот археолошки музеј

Центарот за истражување на предисторијата ќе ја промовира книгата „Со злато против смртта“ на Никос Чаусидис

Промоцијата на книгата „Со злато против смртта: Иконографија и семиотика на раноантичките златни погребни апликации од Македонија“ на проф. д-р Никос Чаусидис ќе се одржи на 20 декември (сабота), со почеток во 19 часот, во Националниот археолошки музеј.

Монографијата ги обработува погребните маски и другите златни покривки ставани врз телото на елитните покојници од Македонија во текот на VI и V век пред нашата ера. Преку анализа на формата, значењето и намената на овие наоди, како и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, авторот се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и митологијата на популациите што ги произведувале и користеле овие предмети, и особено нивните претстави за вселената, смртта и посмртната судбина на човекот.

За книгата и темата на која таа се однесува ќе зборува д-р Перо Арџанлиев, истакнат специјалист од дадената област. Потоа, д-р Игор Ефтимовски, близок соработник на авторот и одличен познавач на темата, ќе поведе разговор со него, поврзан со најинтригантните прашања кои се загатнати во неговата книга.

Настанот ќе биде проследен со изложба на реплики на златните маски и другите погребни апликации изработени од страна на проф. Чаусидис, а наменети за илустрирање на оваа публикација.

На промоцијата, покрај претставувањето на содржината на оваа електронска монографија, ќе биде ставен во функција и линкот за нејзино бесплатно преземање од веб-страницата на ЦИП.

Издавач на монографијата е Центарот за истражување на предисторијата, а промоцијата е организирана во соработка со Националниот археолошки музеј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот