Буџетот на Тетово се троши за плати на пренатрупаната администрација, проекти ќе има ако дадат странците
Буџетот на Општина Тетово за наредната година е проектиран на 29,4 милиони евра. Дури 19 милиони евра се практично владините блок дотации, 700 000 илјади евра се планираат како дел од самофинансирачките средства на институциите во рамки на општината, а 7 милиони евра се пари „собрани“ од општината, но кои ќе бидат претежно наменети за плати и придонеси на пренатрупаната општинска администрација.
Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, кој денеска учествуваше на јавната дебата за буџетот на општината, посочи дека се планирани и околу 2 милиони евра за проекти, но тие ќе бидат реализирани, ако се најдат донации.
„Се работи за донации за различни проекти за кои имаме поднесено проекти, се надеваме дека ќе ги добиеме. За жал тие 7 милиони евра ќе бидат за плати. Но, имајќи предвид дека буџетската рамка се дава од Министерството за финансии согласно законот, ние како општина немаме комотност за да предвидиме реализирање на проекти, иако во 2022 година имавме покачување на самофинансирачките приходи на општината, кои се надеваме дека крајот на оваа година ќе бидат за околу 140 % повеќе од предвиденото. Сепак законот, односно министерството не дава можност согласно оваа година да планира за наредна година, туку просекот од изминатите три години ги зема во предвид. Така да, тоа ние е дадено како рамка и во тој дел ние не можеме да делуваме. Имајќи предвид дека тоа е мала сума за Општина Тетово, затоа воглавно тие 7 милиони евра ќе одат за плати, вели Касами.
Тој најави и развојна програма за наредните три години. Се надева на поголема помош од државата, оти изминатава година општината не добила ниту еден проект од Бирото за регионален развој, иако како што посочи Касами, Тетово е еден од поголемите градови во полошкиот регион.
„Искористивме можност за да подготвиме една развојна програма која ќе биде реализирана во следните три години, каде дополнително се предвидени околу 2,4 милиони евра во делот на изградба и реконструкција на патна инфраструктура. Предвидено е да се инвестира во отворање на два булевари „Благоја Тоска“ и „Видое Смилевски Бато“ и да се почне првата фаза од реализацијата на обиколницата за Попова Шапка. Се надеваме дека од наредна година ќе го почнеме овој проект да го работиме, како и реконструкцијата на неколку други улици во градот. Сакам да истакнам дека дел од даноците ги наплатувавме и со извршители, но ако сакаме да имаме град со добра кондиција, мора да се преземат и такви чекори. За следната година се надеваме дека ќе имаме подобрена ситуација и со тие средства од данок на имот и друго да успееме да реализираме одредени проекти во градот, додаде Касами.
На дебатата за општинскиот буџет, граѓани и организации предлагаа свои идеи.
„Да предложам на општината да се формира Општински совет за превенција на детско престапништво, дека ова преставува и законска обврска за сите општини во државата, а поголем дел од општините меѓу кои и Тетово овој совет го нема формирано. Во овој дел се предвидуваат и санкции за тие градоначалници кои ги немаат формирано советите, истакна професорката по малолетничка деликвенција Блерта Ахмети.
Буџетот на Општина Тетово се очекува да се стави на гласање наредната недела на Седница на Советот на Општина Тетово.