Бесими: 7,5 милиони евра од ЕБОР и ЕУ за заеднички железнички премин на Табановце

Министерството за финансии (МФ) преку Европската банка за обнова и развој и ЕУ обезбеди 7,5 милиони евра за реализација на проектот за воспоставување заеднички железнички премин – Табановце. Договорот е потпишан од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу, соопшти МФ.

– Потпишавме Договор за заем од Европската банка за обнова и развој за реализација на овој значаен инфраструктурен проект кој е насочен кон подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура во земјава и подобрување на меѓународната соработка и поврзаност со соседна Србија, со која всушност заеднички ќе се изведува овој проект, рече министерот Бесими по потпишување на договорот.

Тој потенцира дека ова е само дел од напорите што ги прави Владата и Министерството за финансии за обезбедување финансиски средства за реализација на развојни проекти, кои ќе придонесат кон остварување забрзан и одржлив раст на земјата, а со тоа и приближување кон стандардот на ЕУ.

Со потпишаниот договор се обезбедуваат 5 милиони евра од ЕБОР за реализација на овој проект, за кој се обезбедени и 2,5 милиони евра грант од ВБИФ инвестицискиот фонд на ЕУ.

– Ова е само дел од долгата листа проекти на кои посветено работиме во изминатиот период за да обезбедиме финансиски средства за нивна реализација, а кои ќе обезбедат одржлив раст и позабрзана конвергенција кон ЕУ. Обезбедените 7,5 милиони евра за реализација на овој проект, се дел од големиот пакет од над 700 милиони евра за реализација на крупни инфраструктурни проекти, а за кои беа усвоени и законските решенија оваа недела во Собранието. Дополнително за истакнување е дека во рамки на Буџетот за наредната година се планирани 733 милиони евра за капитални расходи, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека покрај овие средства за развојни цели, обезбедени се средства и од над 250 милиони евра и за справување со кризата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот