Апасиев: Главното барање на Левица е промената на Изборниот законик
Лидерот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, изјави дека главното барање на партијата од денешната лидерска средба во Клубот на пратеници е промена на изборниот законик, која, според него, е неминовна за следните избори, бидејќи Левица била единствената цензурирана партија во изминатите 35 години.
Препорачано
Апасиев истакна дека партијата има и економски барања, поврзани со синдикатите. Тој додаде дека Левица првпат е поканета да учествува на лидерска средба, што ја исполнува нивната претходна позиција за учество само во рамките на институциите, а не, како што вели тој, во „хотели во Маврово или амбасади“.
Сите што ќе одат на лидерската со Мицкоски го легитимираат криминалот на власта, порачаа од СДСМ
На прашањето што очекуваат од средбата, Апасиев рече дека се надеваат на конструктивен дијалог и на реализација на законските промени кои ги предлагаат.
Во однос на Пржинската влада, лидерот на Левица рече дека немале проблем таа да се укине.
– За „Пржинската влада“, немаме проблем да се укине бидејќи е остаток од едно време кога Македонија беше третирана како протекторат. Оттука, нас ни е сеедно кој е на власт и не ни е неприфатливо да ја укинеме. За другите прашања ќе инсистираме комплетно да се прифатат нашите барања, особено ако се распишуваат предвремени парламентарни избори со овој изборен законик – додаде Апасиев.


