Ќе падне ли пржинскиот модел?

По речиси 11 години од воведувањето на пржинскиот модел, повторно се отвора дилемата дали Македонија има доволно институционална зрелост за избори без техничка влада. Иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски ја отвора суштинската дебата – дали преодната влада е гаранција за фер избори или веќе стана политички товар што го кочи системот. Прашањето што останува е дали партиите се подготвени за консензус или повторно ќе се скријат зад механизмите создадени во време на криза.

Најавата за лидерска средба на која би се разговарало за укинување на техничката влада, повторно го актуализира прашањето за моделот според кој Македонија оди на избори веќе речиси една деценија.

Иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски не отвора само дебата за изборната процедура, туку и поширока расправа за степенот на политичка зрелост и институционална стабилност во земјата.

Прашањето што денес се поставува е дали причините поради кои беше воведена техничката влада сè уште постојат и дали постои доволно доверба дека изборите ќе бидат фер и без неа. 

Одлука со консензус

Премиерот Мицкоски вели дека за разлика од претходно, оваа Влада покажува широчина што е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи, реформи на политички систем, но и оние што се дел од реформската агенда за пристапување кон ЕУ.

Раководството на СДСМ и во минатото велеше дека прифаќа бришење на техничката влада, па да видиме дали сѐ уште стои на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема „Бадентер“. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно. Мислам дека таков тип измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени. Но, мислам дека како Влада треба да покажеме и една широчина што е потребна во овој период, особено кога зборуваме за некои суштински реформи, реформи на политичкиот систем, но и реформи што се дел од т.н. Реформска агенда во процесот на пристапување кон ЕУ. Дел од нив се содржани во Стратегијата 2024-2030, а за дел од нив е потребен консензус – порача Мицкоски.

Последниот воз

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски за „Слободен печат“ тврди дека ваквиот обид на премиерот да се укине техничката влада не е инспириран од идејата да се распишат предвремени парламентарни избори, како што веќе почна да шпекулираат дел од медиумите.

Без разлика на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ планира да распише вонредни парламентарни избори, јас сум сигурен дека во наредните три-четири години би било многу тешко СДСМ да се врати на приближни позиции и да заличи на сериозна конкуренција за преземање на власта. Затоа сметам дека целта за укинување на техничката влада не е распишување предвремени избори, затоа што извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на тие избори. Како и да е, јас сметам дека техничката влада уште одамна требаше да биде укината затоа што се покажа како нефункционална. Не добивме некој сериозен прогрес како што го замислуваа предлагачите и техничката влада се претвори во една алатка што само ги искомплицира и така комплицираните состојби. Да бидеме реални, еден технички премиер не може да покаже резултати за само 100 дена владеење. Всушност, техничката влада беше формирана за надминување на проблемите во 2015 година, но оттогаш поминаа цели 11 години и времето практично ги прегази ваквите предлог-решенија. Сметам дека укинувањето на техничката влада требаше да се случи многу порано, но ова дефинитивно е последниот воз за да се изведе такво нешто – изјави Кекеновски.

На прашањето дали е можно да се постигне консензус помеѓу политичките партии за укинување на преодната влада, Кекеновски е оптимист.

Ако се умни лидерите на политичките партии, тогаш секако дека ќе биде постигнат консензус и конечно ќе се испрати техничката влада во историјата. Оти, проблемите и недореченостите што ги носи таа техничка влада ќе бидат присутни и понатаму. А за да не бидеме доведени до ѕид, мислам дека е добро сите да се свестат и сите едногласно да го усвојат тој предлог за укинување на техничката влада – вели Кекеновски.

Експертска влада?

Поранешниот собраниски спикер Тито Петковски, пак, смета дека е потребно укинување на техничката влада, но како што вели, неопходно е воведување експертска влада.

Не ме изненадуваат ваквите изјави на премиерот Христијан Мицкоски и мислам дека не само тој, туку и целата актуелна влада е тотално дезориентирана во однос на тоа кон кој правец ја води државата. Самите немаат претстава што се случува на глобален план и сето тоа се рефлектира на односите во Македонија. Нам не ни треба техничка влада, туку ни треба експертска влада што ќе ја водат сериозни и одговорни луѓе. Потребна ни е експертска влада составена од сите парламентарни политички партии и распишување нови парламентарни избори. Приоритет на сите партии треба да биде членството во ЕУ, стабилизацијата на внатрешните односи, борбата против корупција и криминал, заздравувањето на економијата, но, за жал, тоа го немаме во изминативе години додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт – објаснува Петковски за „Слободен печат“.

Политичките партии, додаде тој, во изминативе три децении не го убедија народот дека имаат искрена желба, сила и потенцијал да ја водат државата во прогрес.

Пред сѐ, потребни се одговорни и компетентни луѓе што ќе бидат дел од таа експертска влада што ќе има задача само да ги распише и да ги спроведе изборите. Плус, не гледам причина некој политички субјект да биде против ваквиот предлог. Секоја политичка партија си има свои аналитичари што ќе ги предложи, а јас искрено не верувам дека баш сите луѓе се „загубени во магла“ во Македонија. Сметам дека сѐ уште има одговорни луѓе, докажани професионалци, кои добро ѝ мислат на државата. Како што реков, партиите веќе докажаа дека не се способни да проектираат стабилна и успешна држава – вели Петковски.

Скриена порака

Комуникологот Живко Андревски, пак, во разговор за „Слободен печат“ вели дека повикот на премиерот Мицкоски за укинување на техничката влада, всушност претставува повик за распишување предвремени парламентарни избори.

Мислам дека премиерот со ова навестува предвремени парламентарни избори, веројатно проценувајќи дека може да ја зајакне својата позиција во политичкиот систем. Едноставно, не му се пушта власта ниту за момент, односно ниту за тие предвидени 100 дена техничка влада пред избори кога е предвидено назначување технички премиер. И во минатото имаше размислувања да се укине пржинското решение, меѓутоа сега мислам дека се случува поради конкретен политички интерес – истакна Андревски.

Техничката односно преодната влада беше воведена како дел од политичкиот договор по длабоката политичка криза во 2015 година. Нејзината цел беше да обезбеди дополнителни гаранции за фер и кредибилни избори во услови на силна недоверба меѓу власта и опозицијата.

Моделот предвидуваше влез на опозициски кадри во клучни ресори и ограничување на целосната контрола на извршната власт во последните 100 дена пред избори.

Со тоа, техничката влада не беше замислена како трајно решение, туку како кризен механизам.

Прашањето за техничката влада се отвораше повеќепати. Последната беше формирана на 28 јануари 2024 година, пред изборите на 8 мај, со премиер Талат Џафери од ДУИ. Претходно, технички влади имаше во 2016 година со премиерот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ и во 2020 година со премиерот Оливер Спасовски од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот