Александар и Александра: Публиката многу добро ги прифаќа македонските писатели!

Александар и Александра имаат убава книжевна мисија – да пробаат да ја доближат книгата до секого. Тоа го прават преку нивната Интерент страничка @bookreaders_community, која е повеќе од книжевен клуб.

-„Bookreaders Community“ за нас претставува едно движење, заедница, како што вели самото име. Всушност, сите наши активности се поттикнати од нашите членови и ние би сакале да гледаме на „Bookreaders Community“ како еден заеднички профил, со сите кои некогаш ни испратиле фотографија и ни дале препорака. Впрочем, затоа користиме псевдоними, затоа што не се битни администраторите, туку целата заедница. Сите предлози од нашите членови се сериозно разгледувани и во повеќето случаи и реализирани. Искрено, најстроги сме кон нашите предлози и фотографии, – вака ни започнува муабетот со Александар и Алексадра.

Катерина Павловска

Која ви е мисијата и дали сте задоволни, за сега, од остварувањата?

-Главната мисија ни е да пробаме да ја доближиме книгата до секого. Статистиките во државата, во поглед на читањето, не се за пофалба, но сметаме дека со правилни чекори може да се направи подигнување на свеста на луѓето, како и олеснување на пристапот кон книгите. Овие две „гранки“ во нашата мисија се подеднакво акцентирани во нашите активности, секако, во согласност со нашите можности. Чекориме со мали чекори кон остварување на нашата цел, но сепак, сакаме да предизвикаме лавина од реакции. Поради тоа, оваа заедница се потпира најмногу на нејзините членови. Сметаме дека голем број мали заеднички чекори се подобри од еден голем на поединецот.

Може ли да се каже дека Македонците сакаат да читаат? Која генерација е најактивна?

-Практично, се чини како читањето да станува сѐ попопуларно. Барем така нам ни делува. Кај нашите членови, најактивна група е групата од 18 до 25 години, но и другите генерации не заостануваат премногу.

nikolinanaste

Се читаат ли македонските писатели? Кои од нив се најчитани во вашиот клуб?

-Не би сакале да споменуваме имиња, но, во последно време, македонските автори полека го добиваат своето место кај речиси секоја издавачка куќа. Публиката многу добро ги прифаќа. Постои еден нов бран на писатели кои се трудат да го држат чекорот со барањата на пазарот, особено во поглед на жанровите кои најчесто се читаат. Тоа, секако, има видливи резултати и во популарноста на самите автори и нивното прифаќање. Впрочем, неколку дела на македонски автори добија второ издание на нивните книги, само месеци после излегувањето на првото издание, што според нас е показател дека се користи правилна стратегија која го промовира читањето во државата.

Колку простор се дава на детската литература? Што недостига во нашата земја за промоција на книгите за деца?

-Искрено, во активностите на @bookreaders_community не е многу застапена, и покрај тоа што има значајно место во светот на книжевноста. Имаме планови за активности во тој правец, но зависи и од нашите можности за нивно успешно спроведување. Општо кажано, нашето искуство е дека кај родители со деца од најмалата возраст, родителите почесто купуваат книги за своите деца отколку за себе, што дава надеж за создавање на една нова генерација на читатели.

ana_gubler

На кој литературен жанр најмногу се „палат“ Македонците?

-Најмногу се чита фикција. Најпопуларни жанрови кај нашите членови се трилери и чик-лит. Нашето мислење се води од нашата статистика – посетеност, реакции, Интернет статистика, поднесувања на фотографии – која не е репрезентативен примерок и може да даде погрешна слика за целата држава, но секако, е вистинита за нашите членови.

Колку ни се потребни литературните рецензии во медиумите? Зошто ги нема?

-Рецензиите се многу потребни. Во голем број случаи, ние одлучуваме за нашата следна книга врз база на прочитани мислења. И покрај тоа што тие недостасуваат во одредени медиуми, мора да напоменеме дека се многу застапени во други, како Фејсбук и Инстаграм. Тоа е една од причините зошто нашата мисија ја остваруваме токму на тие медиуми. Сметаме дека се лесно пристапни и доволно влијателни за малите заеднички чекори да остават своја трага.

Кои топ 3 книги од македонски автори би ги препорачале на читателите на „Слободен печат“?

-„Вештица“ од Венко Андоновски, „Последниот чај“ од Винка Саздова и „Гол човек“ од Игор Џамбазов.

Што читате во моментов?

Александар: „Ова завршува со нас“ од Колин Хувер. Јас сум импресиониран од леснотијата на пенкалото, од стилот, како и од изграденоста на карактерите на оваа авторка, па, едноставно, морам да ги завршам сите нејзини книги пред да продолжам со што било друго.

Александра: Моментално ја читам „Мраз студено“. Пријатно сум изненадена и воодушевена. Тес Геритсен умее да си поигра со твојот мозок како ниедна друга авторка од тој жанр!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот