Ахмети најави големо изненадување за на 5 јуни
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, придружуван од министрите, замениците министри и пратеници од редовите на ДУИ, денес престојуваше во општина Липково. Во селото Опаја, лидерот на ДУИ свечено ја пушти во употреба петтата спортска сала во оваа општина, која, како што беше кажано на свеченоста, беше изградена пред ветениот рок, пренесува Слободен печат.
Покрај инаугурацијата на спортската сала во селото Опаја, Ахмети и неговите соработници престојуваа и во селото Липково. Ахмети заедно со претставниците на неговата партија во Липково се сретнаа и со партиските структури каде го номинираа сегашниот градоначалник на Липково, Еркан Арифи за кандидат на следните локални избори што се очекува да се одржат во октомври оваа година.
Меѓу другото, Ахмети најави и големо изненадување кое ќе се открие на 5 јуни.
-На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „Првиот албански премиер“, – рече Ахмети, меѓу другото, пред присутните во општина Липково, пренесува Слободен печат.