Фото: Слободен печат/Драган Митрески

ФОТО | Се одржа 29. издание на „Златна бубамара на популарноста“: Емотивна вечер исполнета со солзи, овации и светски ѕвезди, но без Сашко Коцев

Вчеравечер во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје се одржа 29-тото издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, една од најдолговечните и најпрепознатливи културни манифестации во Македонија. Настанот собра најпопуларни имиња од музиката, телевизијата, спортот и јавниот живот, како и светски ѕвезди, за да ја проследат изминатата година низ музика, хумор и сатиричен осврт на актуелните случувања.

Сцената беше осветлена и декорирана на светски ниво, со повеќе од 120 учесници и музичари, кои беа задолжени за одличната  енергија во салата.

На почетокот на сцената се појавија Тино и Атанас, кои со политички шеги за „апсолутната власт“ и препознатливиот хумор ги насмеаја присутните. Тие се извинија за минатогодишните шеги и се оградија за оние што ќе ги кажат  ова година:

„Шегите ни се монтирани, друг ги пишува, сите се крадени, но да се извиниме за сè што кажавме минатата година“, по што следеше громогласен аплауз и многу смеа.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Талентираната Тина Русева, победничката на германското музичко шоу на „Гласот на Европа“, воодушеви со моќната интерпретација на „Не допирај ме“, со што уште еднаш докажа дека е врвен вокал.

Еден од најемотивните моменти на вечерта беше настапот на Игор Џамбазов, кој со солзи во очите рецитираше стихови на легендарната српска поетеса Десанка Максимовиќ, посветени на масакрот во Крагуевац во 1941 година, а потоа го отвори патот за својот трогателен говор посветен на трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година:

„Кој ги уби децата во Кочани? Ги убија наши неодговорни луѓе, нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, награден со алчност и корупција. Тоа е новиот лик на светот, кој никому не му се допаѓа. Кому пречеа? Тие деца не пречеа никому! Само се жртви на еден голем хаос, кој зацрни цел еден град. Слава им на ангелите! Нека чекорат по облаците. Небото ги заслужува повеќе од нас“.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Публиката стоеше на нозе во молк, а на видеобимот беше испишан насловот „Македонска крвава бајка“. Џамбазов ги спомена и сите уметници кои ги изгубивме во изминатата година, меѓу кои Тоше Поп Симонов, Драган Б. Костиќ, Васил Рингов, Тихомир Јанчовски, Милка Ефремова, Соња Каранџуловска, како и членовите на групата „ДНК“ кои загинаа во пожарот во Кочани.

Настапија светски музички ѕвезди како британската соул, фанк и диско сензација Delegation, која ја подигна публиката на нозе, и американската соул ѕвезда Марта Хај, која ја доби наградата за трајни вредности и го исполни настапот со емоција и енергија. Регионалното откритие на годината, Јаков Јозиновиќ, исто така настапи и изјави:

„Чест ми е за оваа награда! Да слушнев дека некој ме знае во Македонија, ќе бев воодушевен“.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Манифестацијата траеше три и пол часа, со музика, смеа, награди и емотивни моменти, на изненадување на многумина кои го очекуваа неговиот хумор, Сашко Коцев немаше можност да биде дел од програмата, поради работните обврски надвор од Македонија.

Легендарниот Круме Спасовски ја доби наградата за животно дело и ја поздрави публиката со својата вонвременска изведба на хитот „Чудна жена беше Вера“. Наградата за трајни вредности ѝ припадна на актерката и театарска режисерка Снежана Конеска-Руси, која се смета за симбол на професионализам и уметничка посветеност. Регионалната музичка група „Црвена јабука“ беше наградена за својот повеќедецениски придонес во музиката.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За најпопуларна пејачка во регионот беше прогласена Александра Радовиќ, а маестро Дамир Имери доби посебно признание за својот музички гениј, пофален од Влатко Стефановски. Театарската сцена ја претставија младите актери Нина Елзесер и Тони Денковски, додека наградата за спортска легенда му припадна на кошаркарот Влатко Илиевски.

Дополнително, награди беа доделени и за најдобри музички настапи и фолк концерти, а присутните музички и јавни личности ја потсетија публиката на најважните настани од 2025 година.

Со ова, „Златна бубамара на популарноста“ повторно потврди дека е најголемата, најемотивната и најспектакуларната манифестација на Балканот.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 

ВИДЕО | „Кој ги уби нашите деца?“ – праша Игор Џамбазов и ја рецитираше „Крвава бајка“ на „Бубамара“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот