Игор Џамбазов - Фото: Слободен печат/Драган Митрески

ВИДЕО | „Кој ги уби нашите деца?“ – праша Игор Џамбазов и ја рецитираше „Крвава бајка“ на „Бубамара“

Македонската шоу бизнис легенда Игор Џамбазов синоќа, на 29. издание на „Златна Бубамара на популарноста“ ја емотивен начин ја допре публиката оддавајќи им почит на младите луѓе кои загинаа во пожарот во Кочани. Тој ја рецитираше поемата „Крвава бајка“ од српската поетеса Десанка Максимовиќ, во оригиналната форма.

Стиховите се напишани за масакрот во Крагуевац во Втората светска војна, кога нацистите стрелале илјадници ученици и жители на српскиот град. Потоа, со солзи во очите и грутка во грлото, Џамбазов продолжи:

„16 март 2025 година, 2:35 часот наутро. Најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија. 64 жртви, над 200 тешко повредени, некои со трајни последици. И бол… и бес.Кој ги уби децата од Кочани? Фашисти, како што ги убија децата во Ваташа и во Крагуевац? Не. Ги убија наши. Наши, неодговорни луѓе. Луѓе – нелуѓе. Тоа е новиот фашизам во светот. Новиот фашизам нахранет со алчност, корупција и незнаење. Новиот фашизам… новиот лик на светот кој никому не му се допаѓа“.

Игор Џамбазов – Златна Бубамара на популарноста 2026

На видеобимот за време на неговата изјава беше испишан насловот „Македонска крвава бајка“. Џамбазов потсети и на историскиот споменик во Крагуевац, каде наставникот со градите застана да ги заштити учениците и изговори: „Пукајте, јас и сега држам час“.

„Како кај нас не се најде некој да го каже тоа, да ги заштитеше овие деца?“ праша Џамбазов, нарекувајќи ја ова можеби најтажната церемонија на „Златна Бубамара на популарноста“.

Во текот на настанот се потсетуваше и на познатите личности кои починале во изминатата година, а беа прикажани и фотографии од сите загинати членови на групата „ДНК“, како и дел од тимот на „Златна Бубамара“, вклучувајќи го и тонецот Игор Велков.

„Сара десет години на оваа сцена ми го чуваше грбот. Никогаш нема да ја заборавам“, рече Џамбазов за професорката по пијано и придружен вокал Сара Пројковска.

Солзи и громогласни овации одекнуваа низ салата, додека присутните ги подголтнуваа солзите за овој немил настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот