
„Жешката јога“ ја брка депресијата: Само еден тренинг неделно значително го подобрува расположението
Само еден тренинг на таканаречена „жешка јога“ може да ги ублажи симптомите на депресија, покажа новото научно истражување, пишува „Јуроњуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Практикувањето јога на температура од 40,5 степени Целзиусови, која во индиската традиција е позната како „Бикрам јога“, е исто така популарна меѓу познатите личности, меѓу кои и Меган Маркл, Џенифер Анистон и Гвинет Палтроу.
Студијата покажа дека возрасните кои страдаат од депресија доживеале „значително“ намалување на симптомите кога ја практикувале оваа форма на рекреација, во споредба со онаа група луѓе која не вежбала.
Во текот на осумнеделното истражување, осумдесет заболени од депресија биле случајно поделени во две групи: половина од нив носетувале 90-минутни часови по „Бикрам јога“, двапати неделно, додека на другата половина им било кажано дека се ставени на листа на чекање.
Оние на кои им препишале јога посетувале просечно 10,3 часови во текот на осум недели.

Истражувачите откриле дека дури шеесет проценти од оние кои практикувале „жешка јога“ доживеале намалување на симптомите за педесет проценти или повеќе, во споредба со само 6,3 проценти пријавени од учесниците на листата на чекање.
Тие, исто така, откриле дека 44 отсто од оние кои земале часови по јога доживеале толку многу подобрување што повеќе не се квалификуваат како депресивни.
Научниот тим известува дека симптомите на депресија биле намалени дури и кога учесниците примиле половина од пропишаната „доза“ на „Бикрам јога“, што значи дека дури и еден час вежбање неделно може да даде извонредни резултати.
„Јогата, како и интервенциите базирани на топлина, потенцијално би можеле да го променат правецот на лекување на пациентите со депресија“, вели Марен Најџер, доцент по психијатрија на Медицинскиот факултет Харвард и водач на студијата.
Иако резултатите се ветувачки, прерано е да се каже дали јогата ќе им се препорачува на пациентите заедно со постоечките третмани, како што се антидепресивите, но веќе е познато дека ја зголемува флексибилноста, силата и рамнотежата, исто како што тоа го прави аеробикот.
Освен што физичката активност го стимулира лачењето на ендорфин, „хормонот на среќата“, научниците веруваат дека длабокото дишење поволно влијае и на оние кои практикуваат јога.