Протест за дислокација на УСЈЕ / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Зелен хуман град: Зошто „Усје“ помина без казна, иако премолчи дека загадува во 2023 година?

Зошто цементарницата „Усје“ не е санкционирана и покрај утврдени неправилности и загадување уште во 2023 година и зошто по овој случај досега не реагирало Јавното обвинителство, прашува иницијативата „Зелен хуман град“ во својата објава на социјалните мрежи.

Од иницијативата наведуваат дека во 2023 година Државниот инспекторат за животна средина утврдил дека „Усје“ загадува, но и покрај тоа, фабриката не била соочена со никакви последици.

„Поминаа три години, а ‘Усје’ не само што не е никако санкционирана, туку и понатаму нема 24 часа неделно мониторинг достапен за целата јавност во реално време. Загадувањето стана деловна тајна,“ реагираат од „Зелен хуман град“.

„Недостасуваат 10 часа мерење“

Од иницијативата посочуваат дека инспектор од Државниот инспекторат не го оспорил извештајот за дневни мерења на ротирачката печка број 3, иако, како што велат, во извештајот недостасуваат 10 часа мерење, а сепак било заклучено дека загадувањето е „во дозволени граници“.

„Зошто вашиот инспектор не го оспорил извештајот со дневни мерења каде што недостасуваат цели 10 часа, а сепак е констатирано дека загадувањето е во дозволени граници? Кој ги валидира мерењата на ‘Усје’? Тие самите?“, прашуваат од „Зелен хуман град“.

Пластика, земјоделски и текстилен отпад гореле во печките на „Титан Усје“

„Податоците не важат без 16 часа мерење во еден ден“

Од иницијативата посочуваат дека „Усје“ до инспекторатот доставува месечни извештаи, во кои, според нив, не може да се воочат аномалиите што се јасно видливи во дневните мерења.

„Во месечните извештаи не може да се видат аномалиите што се јасно видливи во дневните податоци. Ако во 24 часа нема минимум 16 часа мерење, тие податоци се невалидни. Го прашуваме Министерството, каде се јавно достапни податоците од дневните мерења на сите 10 оџаци на ‘Усје’, за кои постои обврска за континуирано мерење? Колку години и ‘Усје’ и останати индустриски капацитети се толерирани и никој не покренал кривични постапки, иако сте забележале огромни недостатоци во мерењата, дали стратегијата е да застари делото?“, велат од иницијативата.

„Усје“ тивко ја мина 2023 година?

„Зелен хуман град“ тврди дека во еколошката дозвола на „Усје“ јасно стои обврска фабриката самостојно и без одложување да ги извести надлежните институции при секое надминување на дозволените вредности. „Усје“, се додава во објавата, во 2023 година не го направила тоа, ја прекршила дозволата и го довела во ризик здравјето на скопјани.

Од „Зелен хуман град“ нагласуваат дека ова не е само административно, туку прашање од јавен интерес и јавно здравје и бараат итни одговори од надлежните институции, санкции и целосна транспарентност во мониторингот на загадувањето.

Не велиме дека „Усје“ не загадува, но не утврдивме неправилности, тврди Инспекторатот за животна средина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот