Во „Матица македонска“ промоција на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Со утрешната промоција се одбележува 30-годишнината од физичкото заминување на великанот Блаже Конески и се прави обид за ново исчитување на неговото книжевно дело.

Во книжарницата на „Матица македонска“ во центарот на Скопје утре (среда) во 18 часот ќе биде промовирана книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски со што книгоиздавателството „Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески. Промотори на книгата, која претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот Конески, ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а e предвидена и музичка програма на Драган Даутовски.

Во „Просто и строго – Конески“ на Антоновски се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески. Според оцените на промоторот Пандев, во оваа книга Антоновски прецизно и тестаментално го чита Конески, така како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

„Тој ја доловува смислата на Конески, на која самиот толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но, долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески“, нагласува Пандев.

„Матица македонска“ и во минатите години објави неколку книги што се однесуваат на опусот на Блаже Конески. Со оваа промоција со која се одбележува 30-годишнината од неговото физичко заминување, книгоиздавателството продолжува да ја остварува својата определба да го афирмира и да го вреднува делото на великанот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот