фото: Марија Корина Мачадо/Фото: Jimmy Villalta / Zuma Press / Profimedia

ВИДЕО | Трамп ќе се сретне со венецуелската лидерка Мачадо: Ќе ми биде голема чест да ја добијам Нобеловата награда за мир од неа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за „Фокс њуз“ дека со нетрпение очекува средба со лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, откривајќи дека добитничката на Нобеловата награда за мир ќе ги посети САД следната недела.

Во исто време, американскиот претседател додаде дека би било „голема чест“ доколку Мачадо му ја врачи Нобеловата награда за мир, која изјави дека сака да го стори тоа, за да му се заблагодари на Трамп за апсењето на Мадуро и „ослободувањето“ на Венецуела.

-Слушнав дека сака да го направи тоа. Тоа би било голема чест“, рече американскиот претседател, кој сè уште не го „сварил“ фактот дека Мачадо, а не тој самиот, е избран за Нобелова награда за мир.

Всушност, американскиот претседател уште еднаш ги изрази своите поплаки, особено против Норвешка велејќи дека е голема срамота за земјата зошто не ја добил највисоката светска награда за мир.

„Еве го комитетот  (кој ја доделува Нобеловата награда за мир). (…) Ја стави Норвешка во многу тешка позиција. Без разлика дали има влијание врз неа или не. Мислам дека има. Тие велат дека нема. Но, кога ќе завршите осум војни, треба да добиете по една (Нобелова) награда за секоја од нив“, повторно тврдеше Доналд Трамп.

За време на интервјуто во емисијата на Шон Ханити, Трамп беше прашан дали планира да се сретне со Мачадо по неодамнешниот напад на САД врз Венецуела, што доведе до апсење на претседателот Николас Мадуро.

„Па, разбирам дека таа доаѓа некаде следната недела. Со нетрпение очекувам да ја поздравам“, рече американскиот претседател.

Марија Корина Мачадо го пофали Доналд Трамп за соборувањето на Николас Мадуро и вети дека наскоро ќе се врати во својата татковина, велејќи дека е подготвена да победи на следните избори.

Сепак, Трамп неодамна изрази сомнежи дали Мачадо може да владее со Венецуела, тврдејќи дека „нема ниту поддршка ниту почит“ од народот.

Иднината на Венецуела е неизвесна

Доналд Трамп, исто така, за „Фокс њуз“ изјави дека ќе биде потребно време за Венецуела, каде што е привремена претседателка Делси Родригез, да може да одржи избори.

„Мораме да ја обновиме земјата. Тие не би можеле да одржат избори“, рече американскиот претседател.

„Тие дури и не би знаеле како да одржат избори во моментов“, додаде тој.

Венецуела е еден од најголемите извозници на нафта во светот. По соборувањето на претседателот Мадуро, Доналд Трамп отворено изјави дека САД ќе ја „управуваат“ Венецуела и дека американските компании ќе ја контролираат нејзината нафта. Трамп процени дека САД ќе обезбедат до 50 милиони барели нафта од латиноамериканската земја.

Како што рече Трамп во емисијата на Ханити, во петок ќе има состанок со раководители на нафтени компании кои ќе потрошат „најмалку 100 милијарди долари“ во Венецуела.

Копнени напади врз наркокартелите

Американскиот претседател најави копнени напади против наркокартелите, вклучувајќи го и Мексико.

„Ќе започнеме копнени напади против картелите. Картелите владеат со Мексико. Многу е тажно да се види што се случува во таа земја“, рече Трамп.

Од почетокот на септември, американските вооружени сили започнаа воздушни напади во Карибите и Пацификот врз бродови за кои се тврди дека шверцуваат дрога, со бројка од најмалку 107 смртни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот