Родригез: „Невидена дамка“ во односите меѓу Венецуела и САД по операцијата на 3 јануари
Длабокото влошување на односите на Венецуела со САД го истакна привремената претседателка на земјата, Делси Родригез, на официјален настан во среда навечер, неколку дена по американската воена операција на 3 јануари во која претседателот Николас Мадуро беше заробен и отстранет од земјата, пренесува азиската агенција АНИ.
Препорачано
„Сега има дамка на нашите односи каква што никогаш порано не постоела во нашата историја“, рече Родригез, поранешна потпретседателка на земјата, која во понеделник положи заклетва како привремена претседателка.
И покрај интензивните политички тензии, привремената претседателка истакна дека трговските трансакции со Вашингтон „немаат ништо извонредно или необично“, истакнувајќи дека државната нафтена компанија PdVSA е во преговори за продажба на сурова нафта на Соединетите Американски Држави.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека привремената влада на Венецуела ќе испорача помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта на Соединетите Американски Држави, количина еквивалентна на околу два месеци производство. Владата на САД го опиша договорот како „историски“, сугерирајќи дека нема да биде ограничен на оваа количина.
Според објавата на Трамп, приходите од продажбата на нафтата ќе ги користи Венецуела исклучиво за купување американски производи, главно земјоделски производи и лекови.
Во својот говор, Делси Родригез нагласи дека нејзината земја „се обраќа до сите земји во светот“ за развој на економски, трговски и енергетски односи, во обид да ја врати својата меѓународна позиција.
За потсетување, за време на првиот мандат на Доналд Трамп беа воведени строги санкции врз венецуелската нафта, создавајќи неформално ембарго кое беше заобиколено преку таканаречените „флоти – духови“. Вашингтон сега се изјаснува како подготвен селективно да ги укине санкциите, со цел венецуелската нафта да се врати на традиционалниот пазар.
Во исто време, венецуелскиот министер за внатрешни работи Диосдадо Кабело објави дека американската воена операција во Каракас, за време на која беа заробени Николас Мадуро и првата дама Силија Флорес, резултирала со 100 смртни случаи и приближно ист број повредени.
„Нападот врз нашата земја беше ужасен“, рече тој, нагласувајќи дека бројот на жртви може да се зголеми.


