ВИДЕО: Тина Тарнер преку новиот документарец се збогува од публиката

Фото: EPA/STEFFEN SCHMIDT

HBO го претстави трејлер документарецот за легендарната пејачка Тина Тарнер, кој говори за подемите и падовите во нејзиниот живот, а во кој пејачката се простува од своите обожаватели по тешката борба со пострауматскиот стрес, мозочниот удар и ракот.

Во долгометражниот документарен филм, едноставно наречен „Тина“, пејачката за првпат се навраќа на својата младост исполнета со борба и болка, потоа на љубовта и глобалната слава кои ги пронајде како средновечна жена.

Тарнер сега има 81 година и многу проблеми со здравјето, вклучувајќи ја и борбата со ракот и последиците од мозочниот удар, а легендата на соул и рок музиката исто така претрпе и откажување на бубрегот, што доведе до трансплантација во 2017 година. Поради сите овие проблеми со здравјето, документарецот на пејачката и послужи како начин да се прости со своите обожаватели.

Тарнер во филмот вели дека живеела „живот исполнет со насилство“ но дека во одредена фаза „преовладало простувањето“.

„Имав живот исполнет со насилство, не постои друг начин да ја раскажам приказната. Тоа е реалноста. Тоа е вистината. Тоа е она што го имате, па мора да го прифатите“, изјави пејачката.

Во филмот таа истакнува дека сака да влезе во третото и последно поглавје на својот живот далеку од очите на јавноста.

Документарецот „Тина“ својата премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Берлин на 2 март, а на HBO платформата пристигнува на 27 март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот