ВИДЕО | Пет дена тлее и чури депонијата во Радовиш, луѓето седат дома во страв
Запалената депонија во Радовиш веќе петти ден го гуши градот и околината, што ги натера локалните власти да издадат препораки за граѓаните.
Градоначалникот на Радовиш и командант на локалниот кризен штаб, Љупчо Почивалец, во консултација со лекарите од Центарот за јавно здравје, апелира граѓаните „да избегнуваат непотребен престој на отворено, особено во периодите кога чадот е најгуст“.
Препорачано
Според информациите од општината, на терен постојано работи механизација која со земја ги покрива запалените делови од депонијата за да се спречи понатамошно ширење на пожарот.
Од Кризниот штаб препорачуваат прозорците и вратите во домовите да се држат затворени, а да се исклучат и клима-уредите и системите за вентилација кои внесуваат воздух однадвор.

Граѓаните се советуваат да престојуваат во затворени простории, да избегнуваат спортски и рекреативни активности на отворено и да користат заштитни маски, особено од типот FFP2, FFP3 или N95.
Посебен апел е упатен за заштита на децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања.
– Доколку се појават симптоми како кашлица, печење во очите, вртоглавица или отежнато дишење, веднаш да се побара медицинска помош – се наведува во препораките.
На работодавците им се препорачува, доколку има можност, да овозможат работа од дома за ризичните категории вработени.
Од Општина Радовиш велат дека сите надлежни служби се постојано на терен и работат на локализирање и целосно гаснење на пожарот. Истовремено, апелираат граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните информации и препораки преку медиумите и надлежните институции.
ВИДЕО | Цела Струмица и околината се гушат во магла што мириса на изгорена пластика


