ВИДЕО | Од недовршената црква „Свети Константин и Елена“ ќе се тргаат тарабите: Ќе биде ли просторот безбеден за минувачите?

Црква Свети Константин и Елена/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Десет години трае изградбата на црквата Свети Константин и Елена на улица Македонија и исто толку долг период просторот околу црквата е ограден со лимени тараби и го грдее овој дел од најпопуларната пешачка зона на Скопје. Рокот за градба одамна е поминат, а работите се запрени веќе подолго време.

Сега, Инспекторатот на Општина Центар најавува дека ќе ги отстрани лимените тараби и просторот ќе го направи прооден, затоа што нема никакви градежни работи и неизвесно е дали ќе продолжат. Сепак, останува прашањето колку овој простор ќе биде безбеден за поминување со оглед на фактот дека над камбанаријата сѐ уште се извишува кран останат од времето кога се работеше на изградбата на црквата.

Црквата „Св. Константин и Елена“ требаше да почне да се гради во 2009 година, кога тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го претстави планот таа да биде подигната на плоштадот „Македонија“. По реакциите во јавноста, протестите и барањата за реципрочна изградба на џамија на скопскиот плоштад, беше предложена актуелната локација на црквата, во дворот на Домот на Арм. Изградбата почна во 2012 година, но запре откако почнаа да се таложат долговите. Во декември 2014-тата, тогашната Влада објави дека политичари, стопанственици и владици од Македонската православна црква – ОА, учествувале на донаторска конференција за доизградба на црквата.

Пред неполни две години, во септември 2021 година, болницата „Ремедика“ најави дека го преземе долгот од 4,4 милиони евра кој кон градежната фирма „Бетон“ го имаа Фондацијата „Св. Цар Константин“ и МПЦ. Претходно „Бетон“ побара да се отвори стечајна постапка затоа што не можеше да наплати 1,1 милион евра долгување од Фондацијата.

Сепак, ни ваквата постапка не доведе до тоа конечно да се забрзаат и да завршат работите за изградба на црквата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот