„Минотаур“ ги освои критичарите во Кан – екипата издоминира на црвениот тепих, а филмот е веќе фаворит за награда
Новото остварување на култниот руски режисер Андреј Звјагинцев доби повеќеминутни овации од публиката на престижниот фестивал. Филмот „Минотаур“ (Minotaur) предизвика огромно внимание на годинашното издание на Филмскиот фестивал во Кан, особено за време на гламурозното дефиле на црвениот тепих пред официјалната проекција во главната натпреварувачка селекција, пишува „Верајети“.
Препорачано
Новото дело на познатиот руски режисер Андреј Звјагинцев (автор на ремек-делата „Левијатан“ и „Без љубов“), влезе во трката за престижната „Златна палма“ и веднаш стана еден од филмовите за кои најмногу се зборува на фестивалот.

На познатата променада во Кан заблескаа главните ѕвезди на филмот, меѓу кои актерите Дмитриј Мазуров, Ирис Лебедева и Варвара Шмикова. Нивното елегантно појавување дополнително го нагласи сериозниот тон на филмот, кој критичарите веќе го опишуваат како моќен политички трилер и длабока семејна драма сместена во современа Русија.
Приказната го следи Глеб, богат бизнисмен чиј живот целосно се распаѓа додека се соочува со сериозни деловни кризи, но и со предавство, откако ќе открие дека сопругата го изневерува. „Минотаур“ зборува за темите за моќта, насилството и моралниот пад на општеството, што е препознатлив белег на режисерскиот стил на Звјагинцев.

Оваа премиера означува и големо враќање на Звјагинцев во Кан по речиси една деценија. Неговите претходни филмови веќе имаат освоено значајни признанија на овој фестивал, наградата за најдобро сценарио за „Левијатан“ и наградата од жирито за „Без љубов“.
Премиерната проекција заврши со повеќеминутен громогласен аплауз од присутните во салата, а светските медиуми веќе го оценија овој настан како еден од најголемите врвови на досегашната фестивалска програма. Филмските критичари се едногласни, „Минотаур“ има сериозни шанси да биде еден од главните лауреати на годинешните фестивалски награди.


