ВИДЕО: Ѓоковиќ и Медведев ќе играат во финалето на „УС Опен“
Новак Ѓоковиќ по 10 пат во кариерата се пласираше во финалето на „УС Опен“, откако во првото полуфинале го совлада младиот Американец Бен Шелтон со 3:0 во сетови 6:3, 6:2 и 7:6 (4).
Препорачано
Во мечот кој траеше два часа и 40 минути, српскиот тенисер од почетокот покажа голема разлика во квалитет, сè до крајот на третиот сет, кога Американецот дојде од 4:2 на 5:4, а потоа и до се топка.
Ѓоковиќ ја спаси сет топката, па направи нов брејк, но потоа на свој сервис пропушти меч топка, па се отиде во тај-брејк, во кој Ноле беше подобар со 7:4.
Со пласманот во рекордното 10 финале, Ѓоковиќ доби можност да се бори за својата четврта титула во Њујорк, 24-та Грен слем во кариерата. За него мечот против Шелтон беше 100-ти јубилеен на „УС Опен“ и 87 победа.
Иако сите очекуваа ново финале годинава меѓу Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, тоа не го дозволи Данил Медведев во второто полуфинале.
После три часа и 22 минути игра, Русинот Медведев, третиот светски рекет, го елиминираше Шпанецот со 3:1 во сетови 7:6 (3), 6:1, 3:6 и 6:3.
Ѓоковиќ и Медведев меѓу себе до сега одиграа 14 мечеви, и моментно води Србинот со 9:5. Финалниот меч е закажан за в недела од 22.00 часот по македонско време.


