ВИДЕО: Емотивен крај, Дел Потро плачеше во последниот гем

Хуан Мартин дел Потро во солзи го одигра последниот тениски меч во кариерата/Буенос Аирес, Аргентина/8 февруари 2022/Фото: EPA-EFE/Juan Ignacio Roncoroni

Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро денеска загуби во првото коло на турнирот во Буенос Аирес од својот сонародник Федерико Делбонис со 1:6, 3:6, во меч кој најверојатно може да биде последен во неговата кариера.

Дел Потро доби специјална покана од организаторите за учество на Отвореното првенство на Аргентина. Тоа е негов прв турнир од 2019 година, откако се бореше со повреди, поточно колената.

Пред јавноста изјави дека кариерата би можел да ја заврши на Отвореното првенство на Аргентина. Натпреварот траеше час и 24 минути, а Дел Потро плачеше во последниот гем.

Навивачите го поздравија со аплауз, а откако се збогуваше со Делбонис на мрежата, Дел Потро ја извади лентата која беше негов заштитен знак во текот на кариерата и ја закачи на мрежата.

– Овој момент ќе го паметам цел живот. Ги исполнив сите мои соништа, тенисот ми донесе љубов, кој е мојот најголем трофеј. Ова е момент за кој се надевав дека никогаш нема да дојде. Немам сила да продолжам. Го дадов максимумот Среќен сум што го одиграв овој меч пред мојот народ – рече 33-годишниот Дел Потро.

Тој минатата недела се пријави и за учество на турнирот во Рио де Жанеиро (Бразил), но неизвесно е дали ќе игра. Дел Потро на прес-конференцијата изјави дека остава можност да се случи чудо и да се врати на натпреварите, но дека сега приоритет е да се реши проблемот со коленото за да може да живее без болки.

За време на неговата 17-годишна кариера, Дел Потро освои 22 титули, вклучувајќи го Отвореното првенство на САД во 2009 година, сребрениот олимписки медал во 2016 година и бронзениот медал четири години претходно.

Со репрезентацијата на Аргентина го освои Дејвис купот 2016 година. Најдобриот пласман на АТП листата го постигна во август 2018 година, кога беше трет.

Видео на денот