Вардар 1961 поблиску до шампионската титула откако во дербито славеше над Еурофарм Пелистер

фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Во рамките од петтото коло во ракометната Суперлига составот на Вардар 1961 на домашен терен во Скопје со 31:24 (13:10) славеше над директниот ривал за шампионската титула, Еурофарм Пелистер.

Еурофарм Пелистер водеше неколку пати минимално во првите 10 минути, Атанасијевиќ во соло акција стрелаше за 2:3. Битолчани применија цврста одбрана која тешко ја пробиваа скопските „црвено-црни“, но не и во 12 минута кога Јагуриновски се запиша во листата на стрелците за 3:3. Во 12 минута голманот на Еурофарм Пелистер Лесјак беше погоден со паричка што доведе до мал прекин пред да продолжи дербито.

Се играше гол за гол, по 15 минути игра во вжештената атмосфера во СЦ „Јане Сандански“ резултатот беше 5:5, но Ојлески брзо ја врати минималната позитива на Еурофарм Пелистер. Во 17 минута следуваше нов поголем прекин откако домашни навивачи од кај делот на „Комити“ влетаа на теренот и фрлаа предмети кон трибината на гостинските фанови кај што се наоѓаа „Чкембари“.

Играчите на РК Вардар ги смируваа страстите на своите навивачи, а потоа веднаш на теренот се најдоа и полициските сили за да се обезбеди ред и мир на теренот и на трибините. Ракометарите на двете екипи заминуваа кон соблекувалните.

По скоро половина час прекин, продолжи натпреварот, а првиот гол во продолжението го реализираше Каспер Кисум за ново водство на Еурофарм Пелистер од 7:6, по што следуваше тајмаутот на Недановски.

Се одржуваше минималната предност на битолската екипа, Хосни погоди во 22 минута за 8:7. Вардар многу подобро одигра во финишот и по првиот дел водеше со „плус три“ (13:10), последниот гол за домаќините во последните секунди пред паузата го постигна Талески.

Вториот дел многу подобро го започнаа играчите на Вардар кои предводени од голманот Томовски зголемија на пет голови разлика, а по новата низа погодоци на семафорот веќе беше и 18:11, што можеби и се покажа како клучно за крајниот исход.

Еурофарм Пелистер намали половина од негативата на 22:18 по успешните одбрани на голманот Кизиќ, но веднаш врати Вардар со двата погодоци на Георгиевски за 24:18.

Ништо не се промени на резултатски план до самиот крај на средбата, Вардар успешно ја одржуваше предноста, Талески стави точка на мечот кога погоди за „плус седум“ (31:24) и радост кај домашните фанови. Во победничките редови доминираше Манасков со седум голови, а за Еурофарм Пелистер два помалку имаше Пешевски.

Андоновски за прв триумф на Тинекс Пролет во плеј-офот од ракометната Суперлига

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот