Зеленски и Путин, фото: ЕПА

„Украина нуди да се стави крај на војната“ — Зеленски испрати писмо и бара средба со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати лична покана до рускиот претседател Владимир Путин за директна средба со цел да се обиде да најде начин да се стави крај на војната што трае со години меѓу двете земји, објави Киев индепендент.

Отвореното писмо беше објавено вчера, еден ден откако Украина изврши голем напад врз цели во Санкт Петербург, вклучувајќи нафтен терминал и воени објекти, додека Путин беше домаќин на странски претставници во градот за Меѓународниот економски форум.

Во писмото, Зеленски остро го критикува рускиот претседател, велејќи му дека војната против Украина била негова лична одлука и дека историјата ќе го памети така.

„Речиси половина од вашите 26 години на власт во Русија ги поминавте во војната против Украина. Што и да кажете за НАТО, геополитиката и рускиот јазик, оваа војна е ваш личен избор – војна без вистинска причина. Така историјата ќе го памети“, напиша украинскиот претседател.

Во исто време, Зеленски потсети на неуспехот на руската инвазија на Киев во 2022 година, последиците од меѓународните санкции за руската економија, големите загуби на руската армија и растечкото незадоволство кај руските граѓани.

„Не им се допаѓа недостигот на гориво и постојаното зголемување на цените. Не им се допаѓаат трајните забрани. Не им се допаѓа фактот што крајот на вашата војна не е на повидок“, му пишува тој на Путин.

Украинскиот претседател предложи средба во неутрална земја и истакна дека е подготвен да се согласи на целосно прекин на огнот за време на преговорите. Како еден од првите чекори, тој ја спомена размената на сите воени заробеници според принципот „сите за сите“.

„Украина нуди да се стави крај на оваа војна. Мора да го направиме тоа праведно, со достоинство и да обезбедиме никогаш повеќе да нема избувнување на конфликт. Предлагам средба со вас“, напиша Зеленски.

Тој го повика Путин да одреди конкретен датум за состанокот и нагласи дека претставниците на Соединетите Американски Држави и Европа исто така треба да учествуваат во преговорите. Во исто време, тој ги критикуваше сегашните, како што ги нарече, тактики на одложување и индиректни преговори.

„Бојното поле сега е линијата од која треба да започне дипломатијата“, истакна тој.

Во последниот дел од писмото, Зеленски предупреди дека Украина ќе продолжи да се спротивставува без оглед на развојот на ситуацијата.

„Ако не одлучите сами дека е време да се заврши оваа војна, Украина ќе продолжи да се бори за својот опстанок“. Ќе ги имаме оние што ќе нè поддржат. Но, и вие ќе мора да се борите многу повеќе за сопствениот опстанок – не за Русија, туку за вашиот“, стои во писмото до рускиот претседател.

ВИДЕО | Тревога во Украина: Русија изврши масовни напади врз повеќе градови — загинаа десет луѓе

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот