„Трите лава“ или „викинзите“? Чија одбрана подобро ќе се справи со ѕвездите на противникот?
По победите на Шпанија и Франција, веќе го добивме првиот полуфинален пар на Мундијалот. Сега е време да го дознаеме и третиот полуфиналист. Англија едвај се извади против Мексико, во можеби и највозбудливиот натпревар на Мундијалот досега, додека пак Норвешка избори сензационална победа над петкратниот светски шампион Бразил. „Викинзите“ ќе се обидат да соборат уште една фудбалска велесила и да ја продолжат својата бајковита приказна.
Препорачано
Последен пат двете селекции се сретнаа во пријателски натпревар на „Вембли“ во 2014 година кога Англија победи со 1-0 преку голот на Вејн Руни. Денес, Норвешка не е истиот противник како тогаш. Предводена од Ерлинг Халанд, златната генерација на Норвежаните созреа во тим кој не се плаши од фудбалските велесили, туку излегува на терените со императив за победа. Тоа најдобро го видовме на историскиот натпреварот против Бразил. „Викинзите“ го контролираа поседот во текот на целиот натпревар и заслужено изборија мундијалско четвртфинале, прво во нивната историја.
На хартија, Англија е фаворит. Меѓутоа, Норвешка игра одлично уште од квалификациите, убедливо ја мина својата група, во која беше и Италија, а притоа постигна 37 гола. Одличната форма на норвешките репрезентативци продолжи и на Мундијалот, загубија само од Франција во групата во натпревар каде што селекторот Стале Солбакен реши да ги одмори првотимците. Имаат постигнато 12 гола на Мундијалот, помалку само од Аргентина, Белгија и Франција.
Главниот извор на головите на Норвешка е русокосиот феномен од кого се плаши цела Англија, Ерлинг Халанд. Фудбалерот на Манчестер сити постигна седум гола на првенството и е во трка за „Златната топка“ заедно со Меси, Кејн и Мбапе. Но, Норвешка не се потпира само на головите на Халанд. Мартин Одегард е мозокот на тимот, тој се спушта длабоко во својата половина за да ги започне акциите. Заедно со Одегард, во срцето на средниот ред диригира фудбалерот на Боде, Патрик Берг. Берг е позициониран подлабоко во противничката половина, често се движи меѓу линиите и ги „храни“ крилните играчи со топки.
Норвежаните играат модерен фудбал, со висок пресинг и долг посед на топката, слично на Данска на Каспер Хјумланд, само со светска ѕвезда во нападот. Ги градат нападите по крилата, каде што оперираат Антонио Нуса и Александер Серлот, а располагаат и со две одлични опции од клупата, Оскар Боб и Андреас Шкелдеруп. Најслабата линија во тимот на Норвешка е дефинитивно одбраната. „Викинзите“ ниту еднаш не успеаја да ја сочуваат својата мрежа на Мундијалот и примија дури девет гола.
На другата страна, и Англија се соочува со проблеми во одбраната. Репрезентацијата која во времето на Герет Саутгејт беше позната по својата цврста одбрана, на овој Мундијал не делува толку сигурно. Џордан Пикфорд успеаја да ја зачува својата мрежа само во ремито без голови против Гана и во победата против Панама. Најголемиот проблем за селекцијата на Томас Тухел, пред четвртфиналето е десната бековска позиција. По црвениот картон во осминафиналето на Кванса и повредата на Рис Џејмс, Томас Тухел остана без главните опции на таа позиција. Најверојатно својата шанса ќе ја добие Џед Спенс, кој не одигра добар натпревар против ДР Конго.
Одбраната можеби не е на нивото од претходните големи натпреварувања, но затоа нападот ги крие најголемите адути на „трите лава“. Хари Кејн и Џуд Белингам играат во одлична форма и заедно се заслужни за десет од единаесетте голови што Англија ги постигна досега.
Селекторите, секако, ги кријат картите пред вечерашниот натпревар. Никој со сигурност не може да тврди дека знае кои играчи ќе излезат на теренот за двете репрезентации, но врз основа на бројните анализи ова се очекуваните состави:
Норвешка: Ниланд — Рајерсон, Ајер, Хегем, Волфе — Одегард, Берге, Берг — Серлот, Халанд, Нуса
Англија: Пикфорд — О’Рајли, Гехи, Конса, Спенс — Рајс, Андерсон — Гордон, Белингам, Сака — Кејн
Напаѓачкиот арсенал на двете репрезентации гарантира дека ќе видиме голови, а прашањето е која одбрана подобро ќе се справи со ѕвездите на противникот.
Англија ја има улогата на фаворит според пресметките на суперкомпјутерот „Опта“ со 50,4% шанси за победа во регуларните 90 минути. Норвешка има 25,1% шасни за триумф, додека веројатноста натпреварот да оди во продолженија изнесува 24,7%.
Без разлика на фаворитската улога на Англија, ова четвртфинале ветува спектакл. Од едната страна е репрезентација која сонува за враќање на светскиот врв по шест децении чекање, а од другата репрезентација која веќе победи една велесила и сака да урне уште една. Победникот од оваа пресметка во полуфиналето ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Аргентина и Швајцарија.
Кејн пред натпреварот со Норвешка откри дека играл голф со Трамп


