Манчестер сити се засили со еден од најголемите таленти на англискиот фудбал
Манчестер сити официјално го потврди ангажманот на Жереми Монга, еден од најталентираните млади англиски фудбалери, кој пристигнува од Лестер. Монга вчера го прослави својот 17. роденден, а со актуелниот англиски шампион потпиша петгодишен договор, кој ќе важи до летото 2031 година.
Препорачано
Младиот крилен напаѓач е производ на академијата на Лестер, каде што тренира уште од деветгодишна возраст. Со својата брзина, дриблинг, физичка сила и голгетерски инстинкт брзо се наметна како еден од најголемите таленти во англискиот фудбал. На само 15 години настапуваше за тимот на Лестер до 21 година, а во ноември 2024 година стана најмладиот стрелец во историјата на младинската Премиер лига.
Во април 2025 година дебитираше и во Премиер лигата, на натпреварот против Њукасл, со што стана вториот најмлад фудбалер кој добил минутажа во англиската елита. Во сезоната 2024/25 забележа седум настапи во шампионатот.
Минатата сезона постави уште два рекорда во дресот на Лестер. Најпрво стана најмладиот стартер во историјата на клубот, а само неколку дена подоцна и најмладиот стрелец во историјата на Чемпионшип. Против Престон погоди на возраст од 16 години и 37 дена, соборувајќи го рекордот што дотогаш го држеше Џуд Белингам.
„Кога дознав дека Манчестер сити е заинтересиран за мене, веднаш знаев дека тоа е вистинскиот чекор. За секој млад фудбалер, трансфер во ваков клуб е остварување на сонот“, изјави Монга.
Тој додаде дека Манчестер сити е најдобриот англиски клуб во последната деценија и посочи дека развојот на играчи како Фил Фоден и Нико О’Рајли покажува дека младите фудбалери добиваат вистинска шанса.
„Привилегија е да бидам дел од овој клуб“, порача новото засилување на „граѓаните“.


