Фото: Bonnie Cash - Pool via CNP / Zuma Press / Profimedia

Трамп се закани: Царини за земјите што не го поддржуваат планот за преземање на Гренланд

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за земјите кои нема да го поддржат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд, нагласувајќи дека островот е од клучно значење за американската национална безбедност, пишува Ројтерс.

„Можам да воведам царини на земјите ако не се согласат со Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, изјави Трамп за време на тркалезна маса во Белата куќа посветена на руралното здравство. Тој повтори дека САД „апсолутно мора да го преземат Гренланд“, со што дополнително го засили притисокот врз Данска, под чиј суверенитет формално се наоѓа островот.

Изјавата доаѓа по состанокот одржан во среда во Белата куќа, на кој учествуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и гренландската министерка за надворешни работи Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс. На средбата, американската страна повторно го истакна стратешкото значење на Гренланд во контекст на Арктикот и односите со Русија и Кина, додека Данска и Гренланд ја отфрлија можноста за промена на суверенитетот.

Истиот ден, Врховниот суд на САД најави дека следната недела ќе донесе одлука за легалноста на царините што ги воведува Трамп, односно дали претседателот има овластување самостојно да воведува такви мерки без одобрение од Конгресот.

Интересот на Трамп за Гренланд датира уште од неговиот претходен мандат, кога јавно ја изнесе идејата за купување на островот, што беше категорично одбиено од Данска. Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска, со сопствена влада и парламент, а гренландските и данските власти постојано нагласуваат дека само жителите на островот можат да одлучуваат за неговата иднина.

Во меѓувреме, неколку европски земји, меѓу кои Германија, Франција, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство, испратија воен персонал во Гренланд за зајакнување на присуството во арктичкиот регион, додека Данска дополнително ги засили своите сили. Европските влади нагласуваат дека станува збор за одбранбени мерки во рамките на сојузничките обврски.

Трамп, пак, не ја исклучи ниту можноста САД да го напуштат НАТО поради спорот околу Гренланд, што дополнително ја зголеми загриженоста кај европските сојузници.

Трамп се заканува дека ќе го напушти НАТО поради Гренланд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот