НАТО - Гренланд, Извор: Икс

Трамп се заканува дека ќе го напушти НАТО поради Гренланд

Американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи можноста САД да се повлечат од НАТО, по неуспешните разговори меѓу претставници на Данска, Гренланд и Соединетите Држави за иднината на Гренланд. Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп изјави дека Гренланд е „исклучително важен“ за националната безбедност на САД и дека сè што е помалку од американска контрола врз островот е „неприфатливо“, објави Тајм.

Данска остро се спротивстави на ваквите изјави, оценувајќи дека станува збор за фундаментално несогласување меѓу двете земји. Како одговор, Копенхаген најави проширување на своето воено присуство на и околу Гренланд, а неколку европски сојузници, меѓу кои Шведска и Германија, ветија дополнителен воен ангажман. Данската влада порача дека безбедноста на Гренланд е заедничка одговорност на целото НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Арктикот станува сè поважен од геополитички аспект, особено поради зголемениот интерес и активност на Русија и Кина. Тој нагласи дека во рамки на Алијансата се водат разговори за зајакнување на безбедноста во регионот.

Иако Трамп и претходно ја критикуваше НАТО поради, како што вели, недоволните одбранбени трошоци на европските сојузници, правните експерти предупредуваат дека евентуално повлекување на САД од Алијансата би било правно и политички сложено. Законот за овластување за национална одбрана од 2024 година му забранува на претседателот еднострано да ја напушти НАТО без одобрување од Конгресот, што отвора можност за сериозна уставна криза.

И покрај тоа, самото отворање на прашањето за повлекување, според аналитичарите, веќе ја нарушува довербата и кохезијата во рамки на Алијансата и ја зголемува неизвесноста за иднината на трансатлантските односи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот