Токсичен и полн со стаорци – затворот од кој Принц Вилијам заработува 1,8 милиони евра годишно
Принцот Вилијам, како сопственик и управител на имотот Корнвол, остварил добивка од најмалку три милиони евра со изнајмување на Министерството за правда на напуштен затвор во Дартмур. Проблемот е што затворот бил евакуиран поради опасно високо ниво на токсичниот гас радон.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Војводство Корнвол го изнајмува спорниот затвор на државата за 1,8 милиони евра годишно од декември 2023 година. Иако објектот е напуштен од јули 2024 година, договорот за наем и понатаму носи милионски приходи, што предизвика бројни прашања за трошењето на јавни пари и одговорноста на кралското семејство.
Затворот во Девон е официјално затворен откако во просториите за сместување на затвореници биле откриени високи нивоа на радон, природен токсичен гас поврзан со зголемен ризик од рак на белите дробови. Овој објект од C-категорија, наменет за возрасни затвореници за кои не се очекува обид за бегство, е еден од 42 затвори и локации за условна слобода во Обединетото Кралство со евидентиран проблем со радон.
По напуштањето на затворот, состојбата дополнително се влошила. Според извештај, прозорците биле оставени отворени за да се зголеми вентилацијата поради гасот, што довело до навала на стаорци, птици, лилјаци и инсекти.
Од таму одбиле да потврдат колку точно данок платил Принц Вилијам на приходите од овој наем. Во официјална изјава наведуваат дека договорот за изнајмување на затворот во Дартмур е дел од долгогодишни аранжмани и е склучен на стандардна комерцијална основа, со независни совети за двете страни.
„Остануваме во редовен контакт со Министерството за правда, додека тоа ја носи одлуката за иднината на затворот. Од неговото затворање активно учествуваме во разговорите за што поскоро да се најде фер и одржливо решение“, соопштија од Војводство Корнвол.
Што е всушност Војводство Корнвол?
Војводство Корнвол е приватен имот основан во 1337 година од кралот Едвард III со цел да обезбеди приход за престолонаследникот. Како актуелен наследник, Принц Вилијам ја носи титулата војвода од Корнвол и управува со овој голем портфолио, од кој остварува личен приход.
Според официјалните податоци, Војводство Корнвол обезбедува годишен приход од 25,2 милиони евра. Тие средства се користат за издржување на него и неговото семејство, како и за финансирање на хуманитарни активности. Исто така се наведува дека принцот доброволно плаќа данок на приход од заработката од имотот.


