Фото; Профимедиа

Студија што траела 20 години покажа: Медитеранската исхрана го намалува ризикот од мозочен удар кај жените и до 25 отсто

Медитеранската исхрана може да го намали ризикот од секаков вид мозочен удар, во некои случаи и до 25 отсто, покажува голема студија спроведена во текот на две децении, пишува „Гардијан“.

Исхраната богата со маслиново масло, јаткасти плодови, морски плодови, интегрални житарки и зеленчук претходно беше поврзана со голем број здравствени придобивки. Меѓутоа, досега имаше ограничени докази за тоа како таа може да влијае на ризикот од сите форми на мозочен удар.

Нова студија, чии резултати биле објавени во списанието „Неуролоџи опен аксес“ (Neurology Open Access), списание на Американската академија за неврологија, покажа дека медитеранската исхрана е поврзана со намален ризик од сите видови мозочен удар кај жените.

И експертите кои не се вклучени во истражувањето ги поздравија наодите и рекоа дека постои „огромен потенцијал“ за намалување на шансите на една личност да доживее мозочен удар. Глобално, повеќе од 15 милиони луѓе доживуваат мозочен удар секоја година. Од нив, 5 милиони умираат, а уште 5 милиони остануваат трајно инвалиди.

Студијата опфатила 105.614 жени, со просечна возраст од 53 години, кои немале историја на мозочен удар на почетокот на студијата.

Секоја учесничка пополнила прашалник за својата исхрана, а сите биле следени 21 година.

Во тој временски период, се случиле 4.083 мозочни удари (3.358 исхемични и 725 хеморагични мозочни удари). Истражувачкиот тим испитал одредени фактори кои можат да влијаат на ризикот од мозочен удар, како што се пушењето, физичката активност и високиот крвен притисок.

Студијата открила дека учесниците кои имале најмалку ризична исхрана и навики имале 18 отсто помала веројатност да доживеат мозочен удар од оние во групата со највисок ризик.

Исто така, кај учесниците со најмалку ризични навики и исхрана, резултатите од студијата покажале дека тие имале 16 проценти помала веројатност да доживеат исхемичен мозочен удар, а дури 25 проценти помала веројатност да доживеат хеморагичен мозочен удар.

Резултатите покажале дека постои врска помеѓу медитеранската исхрана и помалиот ризик од мозочен удар воопшто, како и исхемичниот и хеморагичниот мозочен удар.

„Нашите наоди се совпаѓаат со растечкиот број докази дека здравата исхрана е клучна за превенција од мозочен удар. Бевме особено заинтересирани да видиме дали ова откритие се однесува на хеморагичниот мозочен удар, бидејќи малку големи студии го испитувале овој вид мозочен удар“, вели авторката на студијата Софија Ванг од Сеопфатниот центар за рак во Дуарте, Калифорнија.

„Мозочниот удар е водечка причина за смрт и инвалидитет, па затоа е возбудливо да се помисли дека подобрувањето на нашата исхрана може да го намали ризикот од оваа разорна болест. Потребни се понатамошни истражувања за да се потврдат овие наоди и подобро да се разберат механизмите зад нив, како и да се идентификуваат нови начини за спречување на мозочен удар“, нагласила Софија Ванг.

Но, сепак потребни се понатамошни истражувања. Самата студија имала ограничувања бидејќи испитувала само жени.

Сепак, овие резултати се охрабрувачки. Одамна е познато дека медитеранската исхрана е поврзана со подобрено васкуларно здравје, намален ризик од хипертензија, дијабетес и намалено воспаление.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот