Фото: Wikimedia Commons

Студија откри: Јадењето сирење и павлака со висока содржина маснотии е поврзано со помал ризик од деменција

Јадењето повеќе сирење и павлака со висока содржина масти може да биде поврзано со помал ризик од развој на деменција, покажува нова студија.

Сирењата со висока содржина масти содржат повеќе од 20 отсто масти и вклучуваат сорти како што се чедар, бри и гауда. Павлаките со висока содржина масти обично содржат 30-40 отсто масти и вклучуваат павлака за шлаг и згрутчена павлака. Во продавниците за храна, тие обично се етикетираат како полномасни или обични верзии.

Истото важи и за шлаг со парче пита или со грст јагоди, според нутриционистите од шведскиот универзитет во Лунд, пишува „Еј-би-си њуз.го“ (ABCnews.go).

Истражувачите откриле дека луѓето кои консумирале најмалку 50 грама неготвено сирење со висок удел на маснотии дневно, се чини дека го намалуваат ризикот од развој на деменција за 13 отсто, додека консумирањето 20 грама или повеќе павлака на ден е поврзано со намален ризик од 16 отсто.

Според тимот на Лунд, верзиите со низок удел на маснотии немаат таков ефект врз појавата на деменција и „нема никаква поврзаност“ со другите млечни производи како што се млеко, путер или јогурт.

„Со децении се води дебата за режимите за исхрана што вклучуваат полномасни производи во однос на оние со намален удел на масти, при што сирењето понекогаш се класифицира како нездрава храна што треба да се ограничи“, рекла Емили Сонестед, чија работа со тимот е објавена во декември од Американската академија за неврологија.

Полномасни сирења се оние што содржат најмалку 20 отсто масти, додека во случајот со павлаката, секоја верзија под 30 отсто се смета за производ со ниска масленост.

Тимот анализирал здравствени податоци во период од четврт век за 28.000 Швеѓани, од кои 3.208 развиле деменција во тој период. Учесниците бележеле што јаделе и како ги подготвувале оброците, а овие податоци потоа им биле доставени на научниците, објавени во „Неуролоџи“ (Neurology).

„Нашата студија покажа дека некои млечни производи со висока содржина масти всушност можат да го намалат ризикот од деменција, доведувајќи во прашање некои долгогодишни претпоставки за мастите и здравјето на мозокот“, додала Сонестед, повикувајќи се на повеќе истражувања на оваа тема, особено во земји како САД, каде што сирењето често се јаде растопено и во комбинација со месо.

Сепак, тимот нагласил дека забележаните придобивки не се однесуваат на луѓе што ја носат варијантата на генот APOE e4, која е утврдено дека претставува „генетски фактор на ризик за Алцхајмерова болест“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот