Стружанецот Никола ги храни гладните и им ги топли срцата

Никола Петрески трипати неделно им дели топол оброк на луѓе од социјално ранливи категории / фото: СДК.мк

Стружанецот Никола Петрески, кој работи во компанија за достава на храна, во изминатиот месец, трипати неделно им дели топли оброци на луѓе од социјално ранливи категории во градот. Триесетина гладни редовно доаѓаат по оброкот, кој не само што ги храни, туку и им ги топли срцата, пишува СДК.мк.

„Работам со достава на храна, соработувам со две компании и остануваше многу храна која ја фрлавме. Отприлика 6-7 килограми се фрлаше и дојдов до идеја да ја дадам на некој на кој што му е потребно. Гласот дека тука може да јадат топол оброк брзо се шири. На почетокот, пред месец дена, беа само двајца-тројца, а сега се околу 30 луѓе“, вели Петрески.

Манџи, ориз со пилешко, компир манџа и салати се најчесто оброците кои ги дели Никола. Тој вели дека секогаш ќе има и традиционално македонско јадење за гладните во Струга.

„Сакам кога луѓето им помагаат на оние на кого им е потребна таа помош. Има многу гладни во Струга, но некои не доаѓаат, за да не бидат видени дека земаат храна“, додава тој.

Ваквата иницијатива, како што вели Никола, предизвикува разни чувства кај луѓето, но празниот стомак ги тера да заборават на гордоста.

„Луѓето се срамат да побараат храна. Имав замисла да се доставува по куќи каде што има потреба, но мислам дека тоа би било навредливо за нив. Од таа причина информации даваме по социјалните мрежи и бројот на оние кои доаѓаат по храна постојано расте“, вели Петрески.

„Луѓето се гладни и беспомошни“, вели Никола, кој најави 500 топли оброци за новогодишните празници и ги повика компаниите и хуманите граѓани да се приклучат на иницијативата и да помогнат со донација на храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот