Стоматолог Илија Караманов: Млечните заби се „чувари на простор“

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Никнувањето на млечните запчиња почнува во шестиот месец и завршува на две и пол годишна возраст. Во тој процес може да има отстапувања и нивното никнување може да биде предвремено или задоцнето. Секое детенце, по никнувањето на сите млечни запчиња, треба да има вкупно дваесет, по десет во горната и долната вилица.

Редослед на никнувањето на запчињата

Обично, никнувањето на запчињата оди по некој одреден редослед, но не мора секогаш и кај секого да е така.

Најпрво никнуваат долните централни инцизиви, па вторите до нив, следуваат првите млечни молари, па потоа канините и на крај, вторите молари.

Со никнувањето на првите млечни молари настанува и првото физиолошко подигнување на загризот. Тоа е многу важен момент во растот и развојот на детските вилици. Никнувањето на млечните молари и нивното правилно поставување овозможуваат правилен сооднос на забите во двете вилици при што придонесуваат за нивен правилен раст.

Зошто се важни млечните заби

Иако се тоа млечни запчиња кои во иднина ќе се сменат, ние мора да обрнеме големо внимание на нив.

Редовните посети на стоматолог веќе после третата година, стекнувањето навика за редовно и правилно одржување на хигиената во устата, советите од страна на стоматологот кон младиот пациент како и кон неговите родители за избегнување на лошите навики и неправилниот начин на консумирање на храна и сокови, стекнувањето на денталната култура, ќе придонесат запчињата да се сочуваат во устата до нивната физиолошка смена, затоа што нивното присуство овозможува понатаму правилно да бидат поставени трајните заби. Во таа смисла, млечните запчиња претставуваат и „чувари на простор“.

Предвременото губење на вторите млечни молари и канини, особено шест или повеќе месеци пред нивната физиолошка смена, ќе предизвика нарушување на оклузијата. Ќе настане поместување на првите трајни молари (шестките) нанапред, како и поместување на трајните странични инцизиви (двојките) наназад, што ќе придонесе заробување на некои од трајните заби во самата коска како резултат на недостатокот на простор.

Редовните и навремени посети кај својот стоматолог се исто така многу корисни и од аспект на навремено откривање на некои ортодонски аномалии. Во овој период докторот ја има клучната улога во правилна насока на детето за правилна хигиена, совети со флуор профилакса како и навремено санирање на новонастанатиот кариес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот