Спор кој скапо ќе чини, бијатлонците ќе изгубат 50.000 евра

бијатлон
Според СФМ, 16 бијатлонци одбиле да настапуваат за новата федерација/ /Фото: EPA/Anders Wiklund

Група бијатлонци, меѓу кои е и олимпиецот Ставре Јада, во знак на протест по формирањето на новата Бијатлон федерација на Македонија најавија дека нема да се натпреваруваат во овој спорт сезонава. Во БФМ и во Скијачката федерација на Македонија имаат спротивставени мислења за оправданоста и причините за овој протест. Како и да е, спорот изгледа ќе донесе финансиска загуба.

Од Скијачката федерација на Македонија (СФМ) велат дека ќе бидат изгубени околу 50.000 евра оваа сезона поради ненастапувањето на некои од нашите бијатлонци на меѓународни натпревари сезонава. За настапи на меѓународни натпревари на бијатлонците се добиваат средства по трка, а сумата зависи од рангот на трката.

По неодамнешното формирање на Бијатлон федерацијата на Македонија (БФМ), според СФМ 16 бијатлонци одбиле да настапуваат за новата федерација, зашто биле незадоволни од тоа ново раководство. Меѓу нив е и Ставре Јада, единствен од нашата земја кој има норма за настап на Светскиот куп, највисоко натпреварување во бијатлон. Од БФМ возвраќаат дека Јада и другите споменати бијатлонци се во секое време добредојдени во новата федерација и дека нивното одбивање да настапат всушност се должи на манипулации и притисоци од страна на СФМ.

– Моментно сум фокусиран на нордиското скијање, а ако се промени нешто во бијатлонот ќе се вратам повторно, но со моја екипа, мој тренер и мое раководство – се зборовите на Ставре Јада, натпреварувач во нордиско скијање и во бијатлон.

Револт поради новата федерација –

До формирањето на БФМ, бијатлонот како спорт беше застапен со Комитет во рамките на СФМ, кој и сега постои. Натпреварите во бијатлон на меѓународно ниво се под капата на Меѓународната бијатлон федерација (ИБУ), која е посебна од Светската скијачка федерација (ФИС).

– Според мои проценки, за настапот на Јада на Светскиот куп, на три бијатлонци и две бојатлонки на Европскиот куп и на четири бијатлонци и две бијатлонки на јуниор купот (неостварени настапи н.з.), губиме околу 20.000 евра за еден месец. Тие беа пријавени, но не отидоа. Цела сезона, грубо пресменатно, ќе изгубиме околу 50.000 евра од настапи што требаше да ги имаме. Средствата што се остваруваат на овој начин ги употребуваме за исполнување на натпреварувачката програма, за опрема и воопшто за унапредување на бијатлонот – вели Жикица Јовановски, потпретседател на СФМ и претседател на Комитетот за бијатлон при СФМ.

Според него револтот и одбивањето на споменатите 16 бијатлонци да настапуваат под капата на новата федерација е меѓу другото поради нивното нездоволство од работата на селекторот Ѓоко Динески (кој сега има функција во БФМ) и под чија палка тие немале напредок. Од СФМ тврдат дека формирањето на БФМ е незаконско и негативно ќе влијае на развојот на овој спорт кај нас.

Според генералниот секретар на БФМ Васил Сокле, овие бијатлонци се добредојдени да настапуваат во новата федерација во секое време и ќе им бидат овозможени максимални услови за тренинзи и трки. Во новата федерација, според Сокле, веќе има 18 активни бијатлонци.

бијатлон 2
Формирањето на БФМ е незаконско и негативно ќе влијае на развојот на овој спорт кај нас/Фото: EPA/Anders Wiklund
Од БФМ велат бијатлонците се добредојдени –

– Оние бијатлонци кои не сакаат да настапуваат, губат како спортисти. Поради нивното ненастапување сите губиме, а најмногу тие затоа што се изманипулирани. Ние ги повикавме да се приклучат и да настапуваат. Инаку, што се однесува до загубата на средствата, тоа не е точно. Ние со оние бијатлонци кои настапуваат под БФМ, ќе оствариме средства од стартовите на повеќе трки – вели Сокле, кој истакнува дека револтот против Динески, што го истакнуваат од СФМ, не е вистинска причина за ненастапувањето на 16. бијатлонци, туку причината се манипулациите од страна на СФМ.

Динески има заслуга за резултатите на многу спортисти меѓу кои и Јада, кој под неговата тренерска палка оствари и олимписка норма, вели Сокле. Од БФМ, спротивно на СФМ, тврдат дека нивното формирање е со почитување на сите законски процедури. Бијатлон федерацијата на Македонија беше формирана неодамна и веќе е членка на ИБУ, велат во БФМ.

Аргументите за формирање ваква федерација во Македонија, кај оние што ја формираа, се главно дека бијатлонот е посебен спорт, има посебна светска федерација, па затоа и во Македонија треба да се одвои од СФМ, за да напредува. Контра-аргументите од другата страна меѓу другото се дека бијатлонот мора да остране под капата на СФМ затоа што Македонија е мала средина и зимските спортови треба да бидат обединети во СФМ, за подобар развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот