Советот за превенција во Гази Баба со насоки за институциите и училиштата откако беше прободен ученик во Ченто
Советот денеска донесе 13 заклучоци, во кои се осудува нападот и меѓуврсничкото насилство, се укажува на засилени контроли во училиштата, „стегнување“ на директорите и стручните служби во однос на примена на законите и препознавање на закана од насилство и девијантно однесување.
По инцидентот во Ченто кога беше прободен и тешко повреден ученик од уличиштето „22 Ноември“, денеска се одржа седница на Локалниот совет за превенција во Општина Гази Баба, каде беа донесени 13 заклучоци и мерки за подобрување на безбедноста во општинските училишта.
Препорачано
-Денес претседавав со седницата на Локалниот совет за превенција во проширен состав, посветена на состојбите со безбедноста во училиштата, превенцијата од меѓуврсничко насилство и унапредувањето на сигурноста во воспитно-образовниот процес. Седницата беше свикана по неодамнешниот инцидент во основното училиште во населба Ченто, при што Локалниот совет за превенција најостро и безрезервно го осуди секој вид насилство, истакнувајќи дека насилството е апсолутно неприфатливо и дека за него не постои никакво оправдување- изјави Стефковски.
Тој соопшти дека во фокусот на седницата било унапредувањето на безбедносните механизми во училиштата, засилена координација помеѓу институциите, улогата на родителите и наставниот кадар, како и потребата од континуирани превентивни и едукативни активности со учениците.
Во критична состојба е момчето избодено со нож во училиште во Ченто
Советот денеска донесе 13 заклучоци, во кои се осудува нападот и меѓуврсничкото насилство, се укажува на засилени контроли во училиштата, „стегнување“ на директорите и стручните служби во однос на примена на законите и препознавање на закана од насилство и девијантно однесување.
Исто така, се поддржува одлуката на МОН за повторно враќање на дежурни наставници во училиштата, но укажува и на задолжително почитување на правилата за користење на мобилен телефон за време на настава, а на надлежните институции им препорача да ги заострат казните и санкциите за меѓуврсничко насилство.
Момчето прободено во училиште се бори за живот — има тешка рана во стомакот и исеченица на лицето
Заклучоците од денешната седница на Локалниот совет за превенција на општина Гази Баба се следни:
1.Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба најостро го осудува случајот на меѓуврсничко насилство случен во основно училиште во населба Ченто, при што беше повреден ученик, оценувајќи дека секој вид насилство е апсолутно неприфатлив и недозволив, без оглед на околностите и причините, и дека за насилството не постои никакво оправдување.
2.Локалниот совет укажува дека заштитата на физичкиот и психичкиот интегритет на учениците претставува врвен јавен интерес и обврска на сите надлежни институции, воспитно-образовни установи, родители и општествени чинители.
3.Се укажува на директорите на општинските основни училишта за потребата од доследна и континуирана примена на законските и подзаконските прописи, протоколите и интерните акти кои се однесуваат на превенција, спречување и санкционирање на сите форми на насилство во училиштата.
4.Се задолжуваат сите основни училишта на територијата на Општина Гази Баба да вршат засилена контрола во однос на почитувањето на куќниот ред, дисциплината и правилата за однесување во и надвор од училишните објекти.
5.Се укажува на неопходноста од навремено препознавање на ризични и девијантни облици на однесување кај учениците, преку засилено ангажирање на стручните служби во училиштата, како и преку редовна комуникација со учениците кои се посочени од класните раководители, родителите и надлежните институции.
6.Се препорачува воспоставување и унапредување на континуирана координација помеѓу училиштата, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и другите релевантни институции, со цел навремена превенција и ефикасно постапување во случаи на насилство.
7.Се препорачува училиштата да организираат редовни едукативни, советодавни и превентивни активности за учениците, родителите и наставниот кадар, насочени кон развивање култура на ненасилство, меѓусебна почит, толеранција и одговорно однесување.
8.Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба презема обврска, во рамки на своите надлежности и во соработка со надлежните институции, да иницира, организира и реализира едукативни настани, трибини, кампањи и други превентивни активности насочени против секаков вид насилство, со посебен акцент на меѓуврсничкото насилство.
9.Локалниот совет за превенција укажува на потребата од доследно, континуирано и задолжително почитување на процедурите за користење на мобилни телефони и други електронски уреди за време на одржување на наставата во основните училишта, со цел обезбедување поголема дисциплина, подобра концентрација на учениците и намалување на можностите за појава на несоодветни и насилни однесувања.
10.Локалниот совет за превенција дава целосна поддршка на иницијативата на Министерството за образование и наука за повторно воспоставување и зајакнување на механизмот „дежурен наставник“ за време на наставата и училишните одмори, како значаен инструмент за унапредување на редот, дисциплината и безбедноста во воспитно-образовните установи.
11.Се препорачува училиштата да обезбедат ефикасно и континуирано функционирање на системот на дежурства во училиштата, со јасно утврдени обврски и одговорности на наставниот кадар, со цел навремено превенирање и спречување на несоодветни и насилни однесувања.
12.Се препорачува на надлежните институции да ја разгледаат можноста за заострување на казните и санкциите за дела поврзани со врсничко насилство и малолетничка деликвенција.
13.Локалниот совет апелира до сите ученици, родители, наставници и граѓани активно да придонесуваат кон создавање безбедна, достоинствена и ненасилна средина во воспитно-образовните установи.
Ранетиот ученик од Ченто е во стабилна, но и натаму критична состојба
Како што соопштија од Општината, заклучоците ќе бидат доставени до сите надлежни институции со цел нивно спроведување.


