Собранието ги прифати Предлог-измените на законот за основно образование

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Пратениците доцна вечерва ја завршија 106. седница на која прифатија неколку законски решенија во прво читање и го донесоа измените на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.

Во попладневниот дел од расправата беа прифатени во прво читање Предлог-измените на Законот за основно образование согласно кои се предлага наместо досегашниот минимален број од 24 ученици во паралелката, како минимален праг да се утврдуваат 20 ученици. Според предлогот на законот, бројот на ученици во паралелката може да се движи во распон од 20 до 30 ученици.

Значајна измена е и тоа што во насока на поголема инклузија на учениците со попреченост се предвидува од учебната 2022/2023 година таканаречените посебни паралелки во рамки на редовните основни училишта и посебните училишта повеќе да не запишуваат нови ученици со попреченост, туку учениците кои веќе учат во овие училишта, да можат да ја продолжат наставата во самите училишта доколку тоа е нивен избор или пак, одлука на нивните родители или старатели.

Согласно препораката од Извештајот на ОЕЦД, новото законско решение не предвидува намалување на бројот на наставни денови, затоа што сегашната состојба покажува дека учениците до 14 годишна возраст добиваат над 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на ОЕЦД.

Од областа на образованието во прво читање беше прифатен и Предлог-законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, а пратениците расправаа и за Предлог-законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста.

Во расправата по Предлог-закон за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се злоупотребува европското знаменце за носењето на овој закон. Најави дека ќе гласа за законот, но оти не го поддржува концептот првиот човек на Владата да го  води Министерството за финансии бидејќи двата сектора бараат 24-часовна работа.

Собранието продолжува со работа утре со нова седница на чиј дневен ред, според најавите, се пратеничките прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот