Со признание од сведок дека лажно сведочел, Јане Ченто ќе докажува дека случајот „27 април“ бил монтиран
Јане Ченто, еден од осудените за крвавиот упад што се случи во Собранието на 27 април 2017 година, заедно со дел од обвинетите за овој случај кои потоа беа амнестирани, поднесе кривична пријава против поранешната јавна обвинителка Вилма Русковска до Јавното обвинителство, за попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба.
Препорачано
Во изјава за медиумите тој рече дека доставиле докази кои го доведувале во прашање начинот на кој била водена истрагата и текот на судскиот процес. Всушност обезбедиле изјава од еден од сведоците заверена на нотар дека дал лажен исказ во постапката.
– Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во оваа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот како и насочување на сведочењето што го даде сведокот во таа постапка. Сведокот со изјава заверена на нотар изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека на истиот му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ. Дополнително постои вештачење од овластен судски вештак од телефони кои ја поткрепуваат изјавата од сведокот заверена на нотар. Го повикувам Јавното обвинителство да ја разгледа пријавата и доказите темелно. Јавноста има право да знае, а институциите имаат обврска да постапат. Кога имате заверени искази на нотар, кога се признава дека лажно се сведочело и кога имате јавно признание за притисок врз судија поротник тогаш ова не е веќе политичка тема. Ова не е обичен случај, ова е случај во кој имаме основано сомнение дека се користеа незаконити докази се вршеше притисок врз сведоци и се донесе пресуда врз основа на монтирана постапка – рече Јане Ченто.
Според него, оваа кривична пријава е само првиот чекор, односно почеток на борбата.
-После одбивањето од Кривичниот и Апелациониот суд еве сега има можност во овој контекст, со оваа кривична пријава против поранешната обвинителка материјалните докази кои беа одбиени од судот, сега да мора да влезат во правна процедура
По наше гледање работата е сто : нула – рече Богдан Илиевски кој во постапката беше опфатен со Законот за амнестија.


