Не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене, вели Русковска: Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми го закопавме со бугарски куршум
„Моите родители крвареле за оваа држава. Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум, па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене. Мајка ми на сремски фронт била, ранета е на Сремски фронт. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене“, вели за „Слободен печат“, поранешната обвинителка Вилма Русковска откако осудениот за упадот во Собрание, Јане Ченто најави дека денеска на пладне ќе поднесе кривична пријава против Русковска.
Препорачано
– Ние обвинителите сме само странка во постапката, конечната одлука ја носи првостепениот и второстепениот суд. За разлика од Јане Ченто јас се борам со силата на аргументите и доказите, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение, пресудата беше потврдена од апелациониот суд и од врховниот суд така да тоа подразбира дека немало никакво незаконско постапување во било која инстанца. Ова е според мене, замајување на јавност бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од 27 април. И сега се поставува прашањето зошто кривичната пријава само против мене, а судот ја носи пресудата. Па кај е обвинителот или обвинителката, не знам кој постапувал, пред Апелациониот суд во второстепена постапка и судиите таму. Каде е обвинителот или обвинителката пред врховниот суд. Ова е свртување на внимание мислам од она предизборното ветување на ВМРО – ДПМНЕ кое не го исполнија. Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава од мене. Па како може да си даде за право дека тој ја сака повеќе оваа држава, па моите родители крвареле за оваа држава. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене – вели Русковска за најавената пријава.
Јане Ченто најави прес – конференција на пладне пред Основното јавно обвинителство, на која, како што најави ќе бидат споделени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител и ќе бидат изнесени детали и аргументи поврзани со постапката за настаните од 27 април.
– Време е за вистинска правда и вистината за 27 април. Ве покануваме да присуствувате на прес-конференција која ќе се одржи на 27 април 2026 година во 12:00 часот пред Основното јавно обвинителство. На прес-конференцијата ќе бидат споделени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р. и ќе бидат изнесени детали и аргументи поврзани со постапката – се наведува во најавата.
Во најавата Ченто вели дека ова претставува почеток на процес за утврдување одговорност и расчистување на сите околности поврзани со судскиот процес за 27 април. Јане Ченто заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13 годишна затворска казна под обвинение за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието. Предметот го судеше судијката Добрила Кацарска, сега судијка во Уставниот суд. Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието кон крајот на 2018.
Русковска го водеше случајот пред Кривичниот суд Скопје, односно во прв степен.
Кривичен суд ги амнестираше обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“


