Скопјани на мака – ем нема доволно автобуси ем пак не возат приватните превозници
Последната неофицијална информација вели дека денеска Град Скопје потпишал за исплата на дел од долгот на приватните превозници, па се очекува тие да се вратат во сообраќај.
Во Скопје продолжува безредието со јавниот градски превоз и нервозите на граѓаните, чие трпение е веќе при крај, затоа што не знаат ни како навреме да стигнат на работа или на училиште, ниту како и кога ќе се вратат дома.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во изминативе денови на автобуските станици е како на митинг, стотина граѓани во ист момент чекаат автобус затоа што приватните превозници не возат, а ЈСП „Скопје“ со околу 160 автобуси во сообраќај за цел град, не може да одговори на потребите на скопјани. Повторно се вратија и гужвите во автобусите во кои не се дише од натискани патници кои избираат да се чувствуваат како сардини во конзерва, само за да не останат без превоз.
Проблемот со приватните превозници повторно е присутен затоа што дел од нив воопшто не возат, а некои се вклучуваат повремено, обично во утринските и попладневните часови кога сообраќајниот метеж е помал отколку во „шпицот“ и кога помалку трошат гориво.
И причината е повторно иста – и покрај тоа што им беше ветено дека ќе им се подмират долговите кои ЈСП и Град Скопје ги имаат кон нив, тоа не оди така лесно како што очекуваа. Како што дознаваме од возачи на приватните автобуси, исплата нема со месеци, па едвај ги покриваат трошоците. Нивните претставници имале и средба со советници од градскиот Совет, на кои се пожалиле за проблемите со кои се соочуваат.
Веќе два дена нема автобуси 45 и 23 на последната автобуска во Ченто, односно или не доаѓаат воопшто или стојат паркирани на станица но не тргнуваат. Принудени сме да се возиме само со автобуси на ЈСП, кои се малку на број па се создаваат ужасни гужви и сите што чекаат не успеваат ни да се качат во автобус – вели жителка на Ченто.
Врие и по социјалните мрежи од коментари на граѓаните кои укажуваат на проблемите со автобусите, особено на линиите каде возат само приватните превозници или каде што возат комбинирано со автобусите на ЈСП.
Барем да пуштите автобуси редовно. Приватните штрајкуваат, цели два часа да се чека автобус не е малку. Вчера автобус со број 61 попладне немаше. Има луѓе што си биле на работа, секој нема кола и пари за такси. Срамота што се прави со патниците ем слободна се заверува и на крај, пари за такси – реагира скопјанец на Фејсбук.
Последната неофицијална информација вели дека денеска Град Скопје потпишал за исплата на дел од долгот на приватните превозници, па се очекува тие да се вратат во сообраќај.
Од друга страна нема прецизни информации кога возниот ред на ЈСП ќе се засили со новите 100 електрични автобуси што ги вети Владата. После најавите за до март и јуни, сега градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека е важно што Владата донела таква одлука и дека, според него, се финализира постапката за распишување тендер.
Автобуси нема, ама барем ЈСП ги ажурираше дисплеите по постојките
Сепак, факт е дека изминува февруари, а јавен повик за набавка на автобуси сѐ уште не е распишан. Кога тоа ќе биде ниту од Владата ниту од Министерството за транспорт нема прецизен одговор.
Ве информираме дека работиме на изнаоѓање на најдобар модел за набавка на електрични автобуси. Штом имаме поконкретни информации ќе информираме – изјавија деновиве од Министерството за „Слободен печат“.
Скопјани мака мачат и со нередовноста и на тие автобуси што се во сообраќај. Иако од ЈСП неодамна информираа дека ги ажурирале информативните табли на автобусите, на терен тоа не е така. Ретко кога времето за доаѓање на автобусите што се прикажува на дисплеите, одговара со реалното време на пристигнување на очекуваниот автобус.
Сепак ЈСП и покрај тоа што кубури со возила воведува „новитети“, па граѓаните што користат јавен превоз сега можат онлајн да ја надополнат својата картичка преку официјалната веб страница skopjebus.mk .
Дали надополнувате време, каснење и слично кога како вчера, на 23 февруари чекав 5-ка на автобуската кај мостот Нерези Хром кон центар точно 60 минути, од 16 до 17 часот? Но тоа не допира до вас, ниту пак некој одговара според закон за јавен превоз. Дали можеби ќе го казните одговорниот за тоа што еден час немаше автобус? Известете ја јавноста што преземате, која е казната? – реагира на објавата на ЈСП Кети од Скопје.
Се разбира, одговор од јавното претпријатие на реакциите и прашањата од граѓаните како и многупати досега – нема.


