Силен раст на обновливите извори и европски стандарди во енергетиката – усвоен Националниот план за енергија и клима 2025–2030
Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики. Планот, изработен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
Со вкупно 61 конкретна мерка, Планот опфаќа 26 мерки за декарбонизација, 20 за енергетска ефикасност, три за енергетска безбедност, 11 за внатрешен пазар на енергија и една за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност.
Препорачано
-Во наредниот период, државата ќе преземе конкретни чекори за засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс – стои во соопштението.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија. Планот е резултат на широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики.
За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.
Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој. Овој документ е јасна визија за енергетската иднина на државата, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат реалност.


