Шилегов негодувал за поразот: Кога никој не очекуваше, го загубивме Скопје

Петре Шилегов / Фото: Скриншот, Јутјуб

Доскорешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, вечерва пред партиските органи рекол дека поразот во Скопје била сосема неочекуван и оти тој се случил поради разединување во партијата, објави ТВ21, цитирајќи партиски извори.

„Кога никој не очекуваше, изгубивме во Скопје“, кажал Шилегов пред сопартијците.

Зоран Заев пред вториот круг на локалните избори во телевизиско гостување изјави дека ќе поднесе оставка и од претседателската функција во СДСМ и од премиерската должност доколку партијата го загуби Скопје, а ова потоа и доведе до сегашните избори на нови партиски функционери и на нова влада.

Новиот лидер на Социјалдемократскиот сојуз Димитар Ковачевски, пак, пред партиските тела, според истите извори, рекол дека новите предложени лица „не доаѓаат за функциите, туку напротив, тие се веќе реализирани луѓе кои само ќе донесат дополнителна сила и обединување во партијата“.

Ковачевски повикал да не се создаваат фракции, бидејќи пред само еден месец разговарале за обединување.

Претходно ТВ21 објави и дека Ковачевски, кој вечерва ја доби довербата од партиските тела да биде мандатар на новата влада, повлекол еден од десетината предлози за нови лица во партиските тела, бидејќи конкретниот кадар бил на листата за советници на ЛДП за време на локалните избори, а Ковачевски тоа го дознал непосредно пред одржувањето на седницата на Централниот одбор.

Видео на денот